Македонскиот кикбокс запиша уште еден извонреден успех со освојувањето на новата светска титула на Димитар Ѓоргиев на Светското првенство 2021 кое изминативе денови се одржуваше во Лидо ди Јесело, Италија.
Но првиот човек на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија и македонски селектор, Дејан Митровски – Урко вели дека не е задоволен од крајниот резултат затоа што на Македонија во Италија и е „украден“ уште еден златен медал на Бобан Илиоски кој беше оштетен, а согласно квалитетот македонските борци можеше да се вратат со уште неколку медали.
Во својата анализа Митровски потенцира дека во сите македонски репрезентативци лежи огромен потенцијал преку кој во иднина очекува да ја оправдаат неговата доверба на големите светски и европски натпреварувања.
„Сите натпреварувачи дадоа максимум од себе за време на борбите. Јас не сум задоволен од резултатот затоа што требаше да се вратиме од Светското првенство со уште еден златен медал и уште некој медал плус. Димитар Ѓоргиев си го освои заслуженото, се бореше стабилно во сите борби и сите борби ги контролираше до крај и беше во водство во сите рунди. Тоа не е веке среќен ждреб, но искуство и тренинг. Бобан Илиоски беше сериозно оштетен од босанскиот судија кој беше главен судија во рингот не давајќи казнен поен на српскиот борец за држење и спуштајќи се на земја држејки го Бобан неприфаќајќи борба бидејќи имаше мала предност во бодовите и гледаше да ја одржи. Доколку ја поминеше оваа борба Бобан сигурно ќе дојдеше до злато затоа што останатите противници беа послаби во ждребот. Tака ќе беа два златни медали за Македонија“ – истакнува Дејан Митровски – Урко.
Што се однесува до останатите македонски кикбоксери во Италија…
„На Климент Грозданоски во последна секунда на крајот му дадоа поен на противникот без удар и му ја одзедоа бронзата. Марко Тодоров имаше една победа. Втората борба ја загуби но покажа одлична кондициска и техничка подготвеност, само поради поголемото искуство на противникот не успеа да дојде до победа. Марко на СП имаше прва борба како сениор на официјален оваков високо рангиран натпревар. Викторија Варадинова, Стефан Михајловски, Роберт Костовски и Филип Ризов беа поразени во квалификациите. Може слободно да кажам дека во сите наши борци има потенцијал и квалитет. Се работи за одлични борци и верувам дека во наредните официјални настани од светски ранг ќе ја оправдаат мојата доверба и предвидување“ – дополнува Митровски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА