Дејан Митровски – Урко по освоената европска титула на Илиоски: „Кикбоксот е национален спорт број еден, не застануваме тука!“

Македонскиот кикбокс уште еднаш ја потврди својата национална вредност како еден од спортовите со кои вистински се гордее Македонија. Нова европска кикбокс титула за Македонија донесе Бобан Илиоски од Европското сениорско првенство кое изминативе денови се одржуваше во Атина, Грција, а од кое кикбокс репрезентацијата се враќа и со уште еден медал, бронзата на Стефан Михајловски.

Претседателот и селектор на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко, сосема очекувано е повеќе од задоволен од настапот на нашите репрезентативци истакнувајќи дека на вистински начин го презентирале македонскиот спорт меѓу најдобрите на Стариот континент.

„За Бобан Илиоски можам да кажам дека е перфектен борец кој уште еднаш не направи сите нас горди. Максимално прецизно ги согледува во реално време сите аномалии на противникот и на лице место ја определува тактиката, потпомогната и од нашиот агол на тренерите, доаѓајќи доминантно до победите. Боби сите три борби, и четвртфиналето со хрватскиот репрезентативец и полуфиналето со Гркот, како и финалето со европскиот шампион од Полска ги изработи смирено со одлична тактика и без некои потешкотии, мудро доаѓајќи до победите. Посебно добра проценка имаше против грчкиот репрезентативец во полуфиналето, реализирајќи извонреден нокаут“ – вели првиот човек на КМФМ, Дејан Митровски -Урко, низ анализата за настапот на македонската репрезентација.

Покрај златниот медал на Илиоски, Македонија има и бронза од Европското првенство која ја освои Стефан Михајловски, во конкуренција на 982 кикбоксери со 1133 натпреварувачки влезови од 41 држава колку што настапија на ЕП.

„Стефан Михајловски во четвртфиналето се избори одлично, доминираше низ целата борба и победи но во полуфиналето борбата беше многу неизвесна, па на крај Стефан загуби за еден бод. Неговиот противник беше значително повисок, но Стефан успеваше да го одбие и си ја изработи својата техника и пружи многу солиден отпор“ – вели Митровски, и дополнува:

„Мој впечаток е дека сите наши борци стануваат се поискусни и поискусни, кондициски, психиолошки и ментално се поподготвени а тоа е резултат на стекнувањето искуства од серијата настапи на купови и првенства изминатиот период, каде го проверувавме нивниот напредок како би знаеле што на кого му недостасува и ја подобриме техниката. Искрено од сите очекував медал, но за жал Леа Бошевска, Андреа Костовска и Мите Аскилов од ова првенство се враќаат без медал, но со искуство плус. И тројцата покажаа извонредна борба и техника но противниците беа поискусни и подобри. Овие порази на сите им се поттик повеќе за следните борби кои им следат во иднина“.

Митровски е задоволен што македонскиот кикбокс покажа дека е национален спорт број еден, со силни верувања дека во ист стил ќе се продолжи и во иднина задржувајќи ја целосната доминација.

„Благодарност до Министерството за спорт за поддршката што ја добиваме, а која секогаш ја оправдуваме. Браво за целиот тим, сите борци. Задоволен сум од успехот, но тука не застануваме, одиме понатаму со победи. Кик боксот е национален спорт број еден, и така ќе продолжи и понатаму!“ – вели Дејан Митровски – Урко.

Се вчитува...