Македонската кикбокс маитаи федерација се враќа со два освоени медали од Европското сениорско кикбокс ВАКО-првенство.
Златен медал освои Бобан Илиоски, а со бронза се закити Викторија Варадинова. Седум македонски кикбоксери не претставуваа на шампионатот, од кои само двајца успеаја да дојдат до одликувања.
Илиоски го победи во квалификации Лоренц Мартин од Чешка, во полуфиналето го победи Борна Манојловиќ од Хрвстска и во финалето славеше против Христо Калајџиев од Бугарија.
„Боби се бореше промислено и поразлично од она на претходните првенства. Одеше на сигурни поени со внимание од непотребен ризик за да не дојде до повреди. Сите негови противници познавајќи го дека е офанзивец и плашејки се од нокаут со своите тренери имаа изградено своја тактика за борба против Боби, но ги збунивме бидејќи ја сменивме целосно тактиката и начинот на борба, па со поени стигнеме до победите и на крај до европската титула. Факт е дека инструкциите дадени се покажаа продуктивни. Добро е што Боби нема никаква повреда бидејќи за краток период на 3. декември го очекува профи-борба од предходно договорена на „Сенши“, престижниот турнир во Варна против Едуард Алексијан од Бугарија“ – ни изјави од Турција, претседателот на Македонската кикбокс маитаи федерација, Дејан Митревски – Урко.
Радоста по освоениот медал очекувано не може да ја сокрие и златниот Бобан Илиоски…
„Се чувствувам одлично и многу сум среќен за освојувањето на златото и титулата европски првак. Но, не застанувам тука. За десетина дена со моите тренери на 3. декември одиме на престижниот турнир „Сенши“ на предходно договорена профи-борба против Едуард Алексијан од Бугарија а другата година одиме на освојување на светското злато. Да ги поздравам и им се забалагодарам на насите навивачи Македонци кои во голем број дојдоа на трибините и ме подржаа на европското првенство. И благодарам на мојата фамилија, моите тренери, клупски другари и сите кои ми помагаа подржуваа и храбреа да дојдам до европското злато. Благодарност исто така до Агенцијата за спорт и млади до директорот Наумче Мојсоски и Македонскиот олимписки комитет до претседателот Даниел Димески, и Факултетот за физичка култура и деканката проф. Др. Ленче Алексовска-Величковска каде сум студент. Овие институции секогаш ни се ветер во грб и од голема помош на нас спортистите, на кикбоксот како спорт и лично на мене во постигнувањето на врвни резултати. Да живее Македонија“ – вели Илиоски.
Викторија Варадинова, пак, во првата борба извојува победа со Иларија Ди Синтио од Италија, а втората борба ја загуби од Мезел Николет од Унгарија.
Стефан Михајловски, Марко Тодоров, Мите Ашкилов, Роберт Акостовски и Марко Ѓорневски имаа квалитетни борби но не успеаја да дојдат до битката за медал на шампионатот.
„Би кажал дека површно сум задоволен од резултатите. Искрено за Боби знаев дека ќе стигне до злато имајки ја во предвид посветеноста и упорноста во подготовката за ова првенство и неговата желба да го освои европското злато. За останатите искрено повеќе очекував бидејќи и тие максимално се вложија во подготовките за првенството и тренираа, но мое мислење е дека можат уште повеќе од ова што на ова првенство прикажаа. Да не заборавам да напоменам дека и искуството си го направи своето, јасно е дека потребна е и малку среќа да се дојде до медал“ – вели првиот човек на македонскиот кикбокс, Дејан Митревски – Урко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА