Дресот со број „7“ има посебно значење на „Олд трафорд“, а сите што го носеле овој број на грбот оставиле посебен белег во Манчестер јунајтед. Дејвид Бекам е само еден од ѕвездите што ја имале таа посебна чест, а интересна е приказната како славниот Бекс стигнал до посакуваниот дрес.
Бекам настапуваше за Манчестер јунајтед од 1993 до 2003 година под водство на легендарниот Алекс Фергусон. Англискиот репрезентативец во Манчестер јунајтед го носеше дресот со број седум кој го наследи од Ерик Кантона, а подоцна му го препушти на Роналдо. Магичната „седумка“ ја носеле и Брајан Робсон и Џорџ Бест, а сега е во сопственост на Алексис Санчез.
Но, малку е познато дека Бекам првично не требало да го добие тој дрес откако Кантона го напушти клубот во 1997 година. Дотогаш популарниот Бекс во јунајтед смени дури четири броја за пет години – 10, 15, 24 и 28, чекајќи еден ден да му се оствари сонот и да ја добие „седумката“.
По заминувањето на Кантона, култната „седумка“ останала слободна, но Фергусон во тој дрес гледал друг фудбалер – Рој Кин! Поранешниот капитен на „црвените ѓаволи“ ја раскажа анегдотата од тој период врзан за легендарниот дрес.
„Кога Кантона го напушти клубот, се водеше дебата кому ќе му припадне неговата капитенска лента, но и неговата „седумка“. Фергусон ме викна во својата канцеларија и ми рече дека сака јас да го земам тој број, но јас бев многу рамнодушен по тоа прашање. Впрочем, знаев дека Бекам ја сонува, па му реков на Фергусон: „Не, дајте му ја на Бекс“. Тој многу го сакаше тој број, а јас си ја сакав мојата 16-ка. Во тој дрес некако се чувствував удобно и го носев уште од првиот ден во клубот. На крајот, Бекам навистина ја доби „седумката“, која многу му значеше. И тоа беше вистински потег“ – открива Рој Кин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА