Дејвис: Веспрем е фаворит, но Вардар дома може да победи секого

Ракометниот шампион на Македонија по поразот во вечното дерби од Еурофарм Пелистер, веќе в четврток го очекува нов предизвик, овој пат во Лигата на шампионите каде во осминафиналето ќе го пречека унгарскиот Веспрем.

Тренерот на „црвено-црните“, Давид Дејвис пред натпреварот истакна дека добро ги познава играчите на Веспрем, затоа што им беше тренер.

„Добро ги познавам бидејќи бев тренер во оваа екипа. Сепак, тие се многу силен тим со многу добри индивидуалци. Имаат неверојатен голман во Коралес кој е втор најдобар голман годинава во Лигата на шампионите. Веспрем е фаворит, но ние играме дома, а кога Вардар игра дома секогаш се бори. Само победа од  овој меч ни е во мислите“, рече предводникот на Вардарци.

Дејвис кажа дека очекува сосема различен меч од оној со Еурофарм Пелистер.

„Ова е различен меч од тоа со Пелистер. Знаеме дека има разлика кога се игра домашно првенство и кога се игра лига на шампиони, и не може да се споредуваат тие две натпреварувања. Нема време да мислиме за Пелистер, туку мора да се насочиме на Веспрем. Мора да бидеме добри во одбрана во текот на сите 60 минути и да им помогнеме на голманите. Не смееме да правиме грешки во напад и тоа ке биде тајна на успехот“, изјави Дејвис.

Натпреварот од осминафиналето од Лигата на шампионите меѓу Вардар и Веспрем кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за во четврток со почеток во 18.45 часот.

Се вчитува...