Вардар забележа нова победа во Лигата на шампионите, но тренерот Давид Дејвис на прес-конференцијата по мечот со Турингер не го криеше разочарувањето од огромните осцилации во играта на неговиот тим. Шпанскиот стратег пред десетина дена најави дека ќе продолжи да го ротира тимот бидејќи негова замисла е сите ракометарки од ростерот да учествуваат во натпреварите за да се одржува високото темпо. Сепак, откако повторно дојде до значајни осцилации по излегувањето во игра на Пенезиќ, Лекиќ и останатите првотимки Дејвис се закани дека ќе ја преиспита оваа своја одлука.
„Почнавме добро, во одбрана и напад, и без брзање. Потоа направивме измени и тргна се лошо. Секогаш тргнуваме добро, а потоа имаме падови. Треба сите да играат кога ќе им се даде шансата. Ако продолжи вака ќе мора да играме само со седум играчи. Победивме пак, но не треба да имамее вакви падови“ – истакна Дејвис.
Андреа Лекиќ беше најдобра кога беше најпотребно, па српската интернационалка посочи дека најважно од се сепак е што „црвено-црните“ дојдоа до цел плен на оваа средба, обезбедувајќи го на три кола до крајот билетот за четвртфиналето.
„Ниту ние не очекувавме да имаме така одлично прво полувреме. Потоа дозволивме да не стигнат, бидејќи имавме доста грешки. На крајот сепак победивме, два бода се два бода. Ние ја продолжуваме непобедливоста, и ќе треба да ги отстраниме грешките што ги правевме“ – истакна Лекиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА