Давид Дејвис на феноменален начин ја стартуваше својата авантура на клупата на двократниот европски шампион Вардар, со гостинска победа над Монпелје од 25-28. „Црвено-црните“ по катастрофалниот крај на првиот дел од сезоната, одиграа препородено со новиот тренер, кој веднаш донесе неверојатно освежување кај ракометарите на актуелниот македонски шампион.
Дејвис по натпреварот сите заслуги за победата им ги даде на играчите за кои кажа дека се главни виновници за оваа победа.
„Сакам да им честитам на играчите, тие завршија фантастична работа, одиграа одлично против Монпелје. Ова е многу важна победа, имаше голема борба и среќен сум за триумфот. Нашата одбрана беше добра, голманите беа добри, нападот беше добар и задоволни сме од тоа што го прикажавме против ваков силен противник“, изјави Дејвис.
Вардар со оваа победа се искачи на шестата позиција на табелата во групата А со седум освоени бода. Во следното коло „црвено-црните“ ги очекува домашен натпревар против Загреб кој директно ќе решава за пласманот во нокаут фазата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА