Ракометарите на Вардар во среда ќе го пречекаат ППД Загреб во 12. коло од Лигата на шампионите. Натпреварот кој е клучен за пласман во нокаут фазата „црвено-црните“ го дочекуваат со голема самодоверба, по одличниот настап во претходното коло и победата на гостински терен над лидерот во А групата Монпелје со 25-28.
Тренерот на „вардарци“, Давид Дејвис вели дека и понатаму цел на неговиот тим е пласман во нокаут фазата, а овој меч против Загреб ќе биде одлучувачки за тоа.
„Работевме заедно еден месец. Од натпревар во натпревар играме подобро. Ако имавме повеќе време ќе игравме многу подобро. Мора брзо да се подготвиме за Загреб, да направиме добра тактика и да имаме многу респект за тимот кој игра добро. Февруари е многу важен месец, потребни се сите можни бодови. Ако сакаш да направиш успех во Лигата на шампионите, мора секогаш да победуваш дома. Во мојот систем е главна одбраната и голманите, а ако тие функционираат доаѓа до победа. За мене најважна е дефанзивата, па така ќе биде и со Загреб. Ќе има борба и ќе биде тешко, а ние сакаме да одиме едно место погоре во групата со победа над Загреб. Еден натпревар е еден натпревар. Победата над Монпелје беше добра, луѓето веруваат во системот, а круцијално е да функционира добро. Оваа победа беше искуство за помладите играчи. Нашата цел е да бидеме меѓу шесте во групата кои одат понатаму. Триумфот над Монпелје е добар, ама одиме чекор по чекор. Потребни ни се навивачите, се сеќавам на одличната атмосфера од претходните години и сакам пак да ја почувствувам“, изјави Дејвис.
Натпреварот меѓу Вардар и ППД Загреб кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА