Дејвис пак го растури Њу Орлеанс, Харден до трипл-дабл со 44 поени

Ентони Дејвис секогаш е максимално мотивиран кога се среќава со Њу Орлеанс, тимот за кој настапуваше се до минатата сезона. Тој долго време беше во конфликт со управата, па при првото гостување во Њу Орлеанс беше дочекан со гласни свирежи, но новиот ас на ЛА Лејкерс им врати мило за драго на „пеликаните“ предводејќи ги „езерџиите“ до убедлива победа од 123-113.

Дејвис доминираше под обрачите и го заврши натпреварот со 46 поени, 13 скокови и три украдени топки, за четврта победа во низа на ЛА Лејкерс. Леброн Џејмс беше расположен за разигрување на соиграчите, па оствари дабл-дабл од 17 поени и 15 асистенции, а одличен меч одигра и Дени Грин, реализирајќи 25 поени.

Хјустон ја доби пресметката со Филаделфија (118-108), меч во кој во главна улога беше Џејмс Харден. Извонредниот бек не само што стигна до 44 поени, туку оствари и трипл-дабл со 11 поени и 11 асистенции.

Орландо триумфираше во „дербито на Флорида“ против Мајами со убедливи 105-85. Гостите одиграа катастрофална последна четвртина во која постигнаа само шест поени, па убедливиот пораз беше неизбежен. Теренс Рос беше најефикасен со 25 поени, додека Вучевиќ стигна до дабл-дабл од 20 поени и 11 скокови.

Резултати НБА:

Бостон – Атланта 109-106, Орландо – Мајами 105-85, Вашингтон – Портланд 103-122, Хјустон – Филаделфија 118-108, Феникс – Њујорк 120-112, ЛА Лејкерс – Њу Орлеанс 123-113.

Се вчитува...