Ракометарките на Вардар играат извонредно во Лигата на шампионите, наоѓајќи се во фантастична серија од осум победи во елитното европско натпреварување. „Црвено-црните“ в недела ќе го пречекаат Будуќност, ривалот кој неколку пати им застануваше на патот, но овојпат „вардарки“ ќе ја имаат улогата на апсолутен фаворит по големиот пад во формата на црногорскиот првак, од чии редови исто така неколку ракометарки најавија заминување веднаш по завршувањето на сезонава.
„Ние сме подготвени за овој предизвикот, работевме квалитетно и на тренинзите и добро го анализиравме противникот. Игравме многу пати со Будуќност сезонава, мислам дека премногу добро се познаваме, и двете екипи ќе бидат максимално мотивирани да дојдат до победата. Најголемата опасност од Будуќност е што ќе играат без притисок, а кога имаш добри играчи, а не чувствуваш притисок, тогаш можеш да бидеш многу опасен. Имавме две седмици за да се подготвиме, верувам дека ќе изгледаме добро на теренот и ќе стигнеме до победата. Лидери сме во групата и треба да играме како лидери, да покажеме квалитетна игра и да го задржиме првото место“ – истакна тренерот Давид Дејвис.
Сличен е ставот и на Андреа Кликовац, која е полна со оптимизам во пресрет на дуелот со поранешниот европски шампион.
„Трениравме напорно во овие две седмици, подготвени сме да излеземе на теренот и да одиграме најдобро што можеме. Постои еуфорија по победата над Будуќност, но не смееме да дозволиме такво нешто, туку мораме да останеме цврсто на земја. Тие ќе сакаат да ни се реваншираат, но ние знаеме како треба да одиграме, со цврста одбрана да ја неутрализираме силната бековска линија на противникот. Би сакала да ги повикам навивачите повторно да дојдат и да ни дадат поддршка, за на крајот да се радуваме на нова победа“ – изјави Андреа Кликовац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА