Дејвис: Сите натпревари се важни во Лигата на шампионите

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар в среда на домашен терен ќе го пречека норвешки Елверум во последниот натпревар од групната фаза во годинашното издание во Лигата на шампионите.

По исфрлањето на Мешков Брест од лигата и победата која на зелена маса ја запишаа, овој меч за „црвено-црните“ нема никакво значење бидејќи сигурно ќе завршат на петтата позиција на табелата и во осминафиналето ќе играат против унгарскиот Веспрем.

Тренерот на „вардарци“, Давид Дејвис вели дека иако нема резултатско значење овој меч, во Лигата на шампионите сите натпревари се важни.

„Ние мора да продолжиме со работата која ја почнавме пред два месеци. Ние ќе бидеме петти секако, но натпреварот е важен. Сите сакаат да играат во Лигата на шампионите. Играме дома и затоа треба да дадеме максимум. Добар противник е Елверум и ќе им требаат бодови. Мора да играме мирно и да стигнеме до победа“, вели Дејвис. 

Околу тимот со кој ќе излезе на теренот во среда, тој вели дека е најтешко за него бидејќи има голем број на квалитетни ракометари, но дека не е важно кој ќе игра на теренот, туку најважно е да се победи.

„Најтешко е за мене бидејќи имам голем број на ракометари. Кој ќе влезе побрзо во системот тој ќе добие поголема шанса. Кој ќе може да помогне десет/петнаесет минути е добредојден. Додиќ тренира две недели со нас и сум задоволен како се вклопи во нашиот тим. Наше е да одиме на победа, а не е важно кој ќе игра на теренот“, заврши Дејвис. 

Натпреварот меѓу Вардар и Елверум кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за во среда со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...