Деко замина за Билбао, да го доведе Нико Вилијамс во Барса

Барселона не се откажува од обидите да доведе врвен крилен фудбалер по левата страна кој би настапувал во тандем заедно со Ламин Јамал. Желбата е иста како и минатото лето, Нико Вилијамс од Атлетик Билбао кој блеска заедно со Јамал во дресот на шпанската репрезентација, па јасна е желбата на каталонскиот гигант да го обедини овој тандем и на клупско ниво.

Каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“ објави дека директорот Деко денеска отпатувал за Билбао со јасна цел – да го убеди Нико да се приклучи на овој проект. Воопшто нема потреба да се преговара со Атлетик бидејќи клубот од Баскија би ја прифатил само клаузулата од 60 милиони евра и ништо помалку, но минатото лето се покажа дека потешкиот дел од задачата е да се убеди самиот фудбалер да си замине од „Сан Мамеш“.

Тој тогаш реши да остане и да потпише нов договор со Атлетик, но каталонците се убедени дека овојпат ќе успеат во намерата – да го доведат Нико на „Камп Ноу“. Платата од 12 милиони евра по сезона не би требало да биде проблем, но факт е дека Барса по еден ваков трансфер ќе мора и да продава од сопствениот играчки кадар за да може да го регистрира Вилијамс и да не си создаде проблеми како што тоа беше случај со ланскиот трансфер на Дани Олмо.

Претходно каталонците се поврзуваа и со Луиз Дијаз, но инсистирањето на Ливерпул на отштета од околу 100 милиони евра придонесе Барса да го олади интересот за Колумбиецот и да тргне во тотална офанзива по Нико Вилијамс.

Се вчитува...