Дел од клубовите во Холандија бесни на федерацијата – Најголема срамота во историјата

Фудбалската федерација на Холандија одлучи да го поништи домашниот шампионат, што значи дека нема да има првак за сезоната 2019/2020. Оваа одлука донесе незадоволство кај дел од тимовите во холандскиот фудбал. АЗ Алкмар кој пред прекинот имаше исто бодови како и Ајакс, сепак поради послабата гол разлика ќе има многу потежок пат до Лигата на шампионите следната сезона.

„Разочарани сме од одлуката на федерацијата. Предложивме неколку сценарија ако дојде до откажување на шампионатот, но ниту едно не беше прифатено. Можеше да се игра плеј-оф како би се одредило кој во која фаза од квалификациите ќе игра. Секогаш сме за дијалог, но овојпат тоа го немаше“, изјави директорот на АЗ, Роберт Енхорн. 

Бесни се и од второлигашот Камбур кој на табелата имаше големи 11 бода пред првиот пратител и веќе со една нога имаше обезбедно учество во елитата.

„Ова е најголема срамота во историјата на холандскиот спорт. УЕФА апелираше пласманот да се определи спортски, а ако ова е спортски тогаш не знаеме веќе што е спорт“, изјави тренерот на Камбур, Хенк де Јонг. 

Ајакс има директно учество во Лигата на шампионите, додека АЗ Алкмар ќе игра во квалификациите. Феенорд како третопласиран ќе игра во групната фаза од Лигата на Европа, додека ПСВ и Вилем ќе бидат дел од квалификациите во најмасовното европско фудбалско натпреварување.АДО Ден Хаг и Валвијк како две најслаби екипи нема да испаднат и ќе бидат дел од елитата и следната сезона. Сепак, бројот на прволигаши нема да се зголеми, бидејќи никој од втората лига нема да доживее промоција.

Се вчитува...