Дел Потро емотивно за неговите повреди: Пак ли ти? Веќе не знаеме што да правиме со тебе

Легендата на аргентинскиот тенис, Хуан Мартин дел Потро, повторно искрено проговори за тешките моменти низ кои поминал поради бројните повреди што ја обележаа неговата кариера.

Во неодамнешно гостување на ESPN во Аргентина, „Џинот од Тандил“ призна дека сè уште се бори со последиците и активно бара начини да ја ублажи болката.

„Можам да кажам дека имав малку лоша среќа, но вистината е дека станав спортист каков што сум токму поради повредите. Тие се дел од мојата приказна, од тие најдраматични поглавја. Сега дури барам помош и од вештачка интелигенција. Многу разговарав со ChatGPT. Имам магнетни резонанци, рендгенски снимки и томографии од сите видови. Кога одам во клиниките, ми велат: ‚Пак ти? Веќе не знаеме што да правиме со тебе‘“, откри Дел Потро.

Освојувачот на УС Опен 2009 (кога во финалето го совлада Роџер Федерер), е еден од тенисерите со најмногу здравствени проблеми во модерната ера. Во кариерата претрпе четири операции на коленото и три на зглобот, што го принудија да се повлече предвреме во 2022 година, иако имаше егзибициски мечеви потоа, вклучително и против Новак Ѓоковиќ во 2024. И покрај сè, Дел Потро останува симбол на упорност и ментална сила. Неговата приказна инспирира милиони навивачи ширум светот, кои го паметат по моќниот форхенд и емотивните моменти на теренот.

 

Се вчитува...