Делегации на Црвена Звезда и грчки Ираклис во петок во Скопје на погребот на Кирил Дојчиновски

Делегации на белградска Црвена Звезда но и грчкиот Ираклис, клубовите каде остави своја силна трага во играчката и тренерската кариера ќе бидат присутни на погребот на една од најголемите македонски фудбалски легенди, Кирил Дојчиновски, кој денеска почина во Скопје во 79-та година од животот.

Погребот на Кирил Дојчиновски ќе биде во петок (12. август) од 11 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје, а последна почит за едно од најголемите фудбалски имиња кои Македонија ги имала во својата историја ќе може да се оддаде претходно од 10 до 11 часот во капела.

Дојчиновски дебитираше во дресот на Вардар на 19-годишна возраст во сезоната 1963/64. Во црвено-црниот дрес беше до јуни 1967 година кога се преселува во Црвена Звезда за која првпат настапи на 22. јули 1967 година. До 14. мај 1974 година за Црвена Звезда одигра вкупно 420 натпревари од нив 189 првенствени во најсилниот шампионат на СФРЈ, притоа и со постигнати 11 гола. Со белграѓани освои четири шампионски титули на Југославија (67/68, 68/69, 69/70 и 72/73), и две титули во Купот на Југославија (1968 и 1970 година).

Токму поради сиот овој учинок е запишан како една од најголемите легенди на Црвена Звезда. Токму и затоа од српскиот шампион најавија дека утре нивна делегација ќе биде во Скопје на погребот на Кирил Дојчиновски.

Дочиновски, во играчката кариера, запиша и шест официјални натпревари за репрезентацијата на СФРЈ, а беше дел од селекцијата и на Светското првенство 1974 во Западна Германија, како прв Македонец во историјата кој играл на еден светски фудбалски шампионат. За репрезентацијата на СФРЈ дебитираше на 27. октомври 1968 година на дуелот против Шпанија (0-0) во Белград, а настапи во дресот на репрезентацијата на Југославија и во Хановер против Германија (0-1) на 13. мај 1970 година.

Кирил Дојчиновски, поради огромните заслуги за македонскиот фудбал, е добитник на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот. Минатата година го доби и признанието на ЕКИПА, добивајќи место во „Куќата на Асови на ЕКИПА“, меѓу 10 најголеми спортисти во историјата на Македонија со наградата „Врвен ас – еден од нас“.

Се вчитува...