„Делије“ можат да почнат да слават: Теодосиќ и официјално е нов член на Црвена Звезда

Навивачите на Црвена Звезда имаат причина за славје откако нивниот клуб успешно ги финишираше преговорите со Милош Теодосиќ, кој и официјално беше претставен како најново засилување на белградските „црвено-бели“.

Теодосиќ не крие дека е голем фан на Црвена Звезда, во последните години тој беше поврзуван во неколку наврати со овој клуб, но од најразлични причини тие трансфери не беа реализирани. Сепак, на 36-годишна возраст големата желба на Тео ќе се оствари, откако по раскинот на договорот со Виртус Болоња тој го стави потписот на соработка со омилениот клуб.

„Прославениот српски кошаркар и еден од најтрофејниоте играчи во историјата на нашата земја, Милош Теодосиќ е ново засилување на Црвена Звезда. Тој е поранешен европски првак со ЦСКА и освојувач на Еврокупот со Виртус, освојувач на 20 индивидуални признанија во сите лиги во кои има настапувано, како и најдобар играч во изборот на ФИБА за 2016 година. Со овој потпис Милош ја остварува големата желба конечно да го облече црвено белиот дрес на саканиот клуб за кој навива од раното детство. Клубот му се заблагодарува за големата желба што ја покажа во преговорите, во секоја смисла, само за да дојде до конечен договор и потпис на обострано задоволство“, се вели во соопштението на Црвена Звезда.

Теодосиќ е третото засилување на „црвено-белите“ за наредната сезона, по Дејан Давидовац (ЦСКА Москва) и Марко Симоновиќ (Чикаго булс).

Се вчитува...