Партизан е предодреден сезонава за вистински драми во своите натпревари во Евролигата. Овој пат со среќен крај за црно-белите кои славеа со 85-84 против Фенербахче во седмиот натпревар за трета победа сезонава во најквалитетното европско кошаркарско натпреварување.
Во неверојатен меч Партизан победи и покрај тоа што во третата четвртина имаше негатива и од 14 поени.
Црно-белите во првото полувреме воопшто не играа одбрана, па Фенербахче на пауза замина со предност од девет поени (47-56).
Партизан во третиот период од играта имаше негатива и од 14 поени, но на извонреден начин со конечно беспрекорна одбрана во последните три минути од третата четвртина успеа да дојде до само минус шест (63-69), за да го разбуди „пеколот“ во белградската Арена.
James Nunnally, Tarık Biberovic’i posterledi 😨
— Euroleague Time (@euroleague_time) November 9, 2023
Па, водени од своите навивачи „партизановци“ во последните 10 минути играа повторно максимално агресивно во одбраната а сигурно во нападот за да на три минути пред крајот дојдат и до предност од 79-78. До крајот во навистина повеќе од драматична завршница, Партизан пред се благодарение на одбраната успеа да дојде до победата од 85-84.
Фенербахче во второто полувреме постигна вкупно само 28 поени, и тоа беше тајната на пресвртот и победата на белграѓани.
Во останатите денешни натпревари од Евролигата, Басконија славеше против Олимпијакос во Атина со 74-75, Анадолу Ефес дури по продолжение го победи Жалгирис со 86-82, а Макаби Тел Авив славеше против Баерн со 93-90. Милано, пак, убедливо ја победи Валенсија со 83-52.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА