Усман Дембеле се соочува со психолошки проблеми бидејќи пати од зависност. Ова го тврдат шпанските медиуми повикувајќи се на извори од раководството на Барселона, кое се соочува со сериозен проблем да го извлече максимумот од второто најскапо засилување во клупската историја. Кај Дембеле била утврдена зависност од претерано играње на видео-игри, па сега каталонскиот гигант бара да најде адекватен начин за да го реши овој проблем.
„Дембеле создаде многу проблеми и сезонава, доцнеше на тренинзи, па дури и на натпревари, а внатрешната клупска истрага откри дека тој многу често минува по цела ноќ пред компјутер или пред телевизор, играјќи видео-игри со пријателите. Не излегува речиси никаде, има развиено опсесија што му се одразува и на приватниот и на професионалниот живот. Се бара решение за големиот проблем“ – наведуваат каталонските медиуми.
Се очекува францускиот офанзивец да почне да посетува психијатар за да се обиде да го реши овој проблем, а доколку одбие или доколку состојбата наскоро не му се подобри ќе следи и трансфер веќе во јануарскиот преоден рок. Ливерпул е единствениот клуб што досега покажа посериозен интерес за да го доведе овој проблематичен фудбалер во своите редови, но се најавува дека во трката по Дембеле ќе се вклучат и Милан, Интер и Тотенхем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА