Трансферот на Усман Дембеле од Барселона во ПСЖ не се реализираше до крајот на месец јули како што посакуваше францускиот првак, но кај „светците“ нема сомнеж дека крилниот офанзивец во следните неколку дена ќе потпише договор со гигантот од Париз.
Клучно беше да се убеди Дембеле да ја прифати понудата на ПСЖ, а откако тоа беше сторено и беше договорена петгодишна соработка со фудбалерот, преговорите со Барселона нема да претставуваат никаков проблем. Иако постоеја најразлични информации околу висината на клаузулите, „Л’Екип“ денеска објави нови детали од разговорите меѓу клубовите, наведувајќи дека трансферот ќе изнесува 50 милиони евра, колку што ќе беше и доколку се реализираше во текот на вчерашниот ден.
Конкретно, ПСЖ испратил официјално писмо со намера до Барселона, по што почнува да тече рок од пет дена во кој францускиот гигант може да го комплетира трансферот на Дембеле на „Паркот на принцовите“. Во овој период ќе биде валидна и јулската клаузула за 50 милиони евра бидејќи писмото со намера било испратено во месец јули, па сумата нема да скокне на 100 милиони евра.
Каталонците се свесни дека немаат начин да го задржат Французинот ниту пак да ја кренат цената во преговорите, па тренерот Чави веќе почнал потрага по нов фудбалер кој ќе го наследи Дембеле на „Камп Ноу“, а крилниот играч во следните неколку дена и официјално ќе го комплетира трансферот во ПСЖ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА