ЕКИПА во Гдиња,
Владимир Булатовиќ, Никола Ѓуровски, Игор Паневски
Во позитивна атмосфера македонските репрезентативци ги одработуваат последните тренинзи пред утрешниот натпревар против Португалија, последен во групната фаза на Европското првенство во Полска.
Теоретски, и натаму постојат шансите за пласман во полуфиналето на шампионатот, иако е јасно дека за тоа ќе треба убедлива победа против Португалците. Но, како што велат од македонскиот табор воопшто не сакаат да се оптоваруваат со било какви математики. Погледите се единствено насочени кон што подобро издание против големиот фаворит.
„Воопшто не размислуваме на математиките и комбинациите за пласман во полуфиналето. Не сакаме да се оптоваруваме со тоа, но единствено мислите ни се насочени кон што подобро издание против Португалија“ – вели левокрилниот дефанзивец Бесир Демири, и дополнува:
„Сакаме против Португалците да ја прикажеме најдобрата наша игра на првенството. Кон тоа се стремиме. Потврдивме дека не случајно сме во Полска, а сега, зошто да не, ќе одиме на тоа да стигнеме и до првата исторска победа на едно Европско првенство. Знаеме дека ќе биде тешко затоа што Португалија е одлична селекција, една од најдобрите на шампионатот, но и ние докажавме дека може да се надигруваме со секого“.
Избраниците на Благоја Милевски денеска од 20 часот во Гдањск ќе го имаат последниот тренинг пред утрешниот дуел со Португалија кој од 20:45 се игра на стадионот „Миејски“ во Гдиња.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА