Ракометарките на Ѓер се искачија на првото место во својата група од Лигата на шампионите откако убедливо славеа на денешното дерби со ЧСМ Букурешт, со резултат 28-24. Дури и без повредената Нора Мерк избраничките на Мартин со импресивна игра им одржаа лекција на големите ривалки, водејќи во текот на целиот меч и на крајот заслужено радувајќи се на голема победа.
Актуелните европски шампионки поведоа во раната фаза со 2-0, а резултатот последен пат беше израмнет при 4-4. Следеше нова мини-серија на Ѓер за целосна контрола над играта и резултатот од страна на унгарскиот гигант. ЧСМ пред крајот на првото полувреме се реши за напади „седум на шест“ и три пати во низа реализираше, но исто така три пати во серија Ѓер со брз центар погаѓаше од половината на теренот, не дозволувајќи намалување на разликата. На средината од вториот дел домаќините стигнаа и до најубедливи „плус седум“ (24-17).
ЧСМ се приближи на 25-22 на седум минути до крајот, но домашниот тренер зеде тајмаут, потоа играта на Ѓер се консолидираше и актуелниот европски првак на крајот заслужено славеше со конечни 28-24. Анита Горбич со осум погодоци беше најефикасна кај Ѓер, пред Офтедал со четири гола. Кај ЧСМ Букурешт најдобар стрелец при вечерашниот пораз беше Гулден со пет гола, а разочара Кристина Неагу со четири погодоци од дури 12 обиди.
Ѓер со оваа победа се искачи на првото место во вкупно 12 бода, еден повеќе од ЧСМ и од Ростов на делба на втората позиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА