Наполи забележа нова победа на патот до шампионското скудето откако тимот на Елиф Елмас славеше на гостувањето против Лече со 1-2. Домашниот голман Фалконе направи катастрофален „кикс“ со кој му ја подари победата на Наполи, за нови три бода со кои Елмас и соиграчите се уште поблиску до титулата.
„Наполитанците“ повторно беа без повредениот Осимен, но Спалети не тактизираше премногу со составот и стартните единаесетмина на гостите беа предводени од Кварацкелија, а во првиот тим се најде и нашиот Елиф Елмас. Лече ја имаше првата шанса, Мерет одлично одбрани, по што на спротивната страна „наполитанците“ првата опасна ситуација ја претворија во водечки погодок, откако Ди Лоренцо биеше прецизно со глава по центаршутот на Ким.
Уште повозбудливо беше второто полувреме, откако Лече на самиот почеток стигна до израмнување, првиот обид заврши во гредата, но затоа во мешаницата што следеше Ди Франческо се снајде најдобро и биеше прецизно за 1-1. Фудбалерите на Лече добија на самодоверба, но тогаш следеше нов ладен туш по катастрофалната грешка на голманот Фалконе, кој по една вратена топка од Гало дозволи таа да му мине низ рацете и да заврши во мрежата.
Елмас ги мина сите 90 минути на теренот, а македонскиот репрезентативец имаше убава шанса во 85. минута, кога домашниот голман го запре неговиот удар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА