Потсетувајќи се на успесите на легендите на македонскиот спорт, ЕКИПА започнува „Ден на македонските легенди“, секоја среда на ЕКИПА.МК
Петар Наумоски (роден на 27. aвгуст 1968 година во Прилеп, Југославија) е еден од најголемите македонски кошаркари на сите времиња. Својата професионална кариера ја започнува во Работнички, по што се сели во Југопластика/Поп 84 Сплит, екипа со која стигнува до два шампионски трофеи во Евролигата во 1990 и 1991 година, а златните години на тимот од Сплит ги закитува и со две титули во jугослoвенската лига и Купот на Југославија.
По Југопластика се враќа во Македонија каде го носи дресот на Работнички во сезоната 1991/92, а потоа следи трансфер во Ефес Пилсен каде во периодот помеѓу 1992 и 1994 година бележи успеси со турскиот клуб на домашната, но и на интернационалната сцена.
По првата епизода во Ефес следи премин во Италија и Бенетон Тревизо, но во првиот стаж во италијанската кошарка се задржува само една сезона.
По освоениот трофеј во ФИБА Европскиот Куп и Купот на Италија се враќа во Ефес каде останува во следните четири сезони. Во двата престоја во турскиот клуб се закитува со вкупно 13 трофеи од кои по 4 во првенството, Купот и Суперкупот, и еден во Корач Купот.
На почетокот на новиот милениум се враќа во Италија и Бенетон Тревизо чиј дрес го носи во сезоната 2000/01, а потоа следат настапи за Монтепаски Сиена со кој го освојува Купот на победниците на Куповите во 2002 година и Олимпиа Милано до 2004 година.
Првото пензионирање го завршува во редовите на Улкерспор со кој ги освојува Купот и Суперкупот на Турција, а на сцената се враќа во 2008 година со настапи за италијанските нисколигаши Гуидо Роси и Дертона Баскет по што следи и финиш на кариера во редовите на МЗТ Скопје.
Првиот натпревар за македонската кошаркарска репрезентација го запишува на 30 мај 1993 година, а во „црвено-жолтиот“ дрес останува до 2002 година за вкупно 989 постигнати поени во 42 настапи. Тој е воедно и еден од најзаслужните за првиот пласман на Македонија на едно европско првенство, предводејќи ја татковината со 30.5 поени по натпревар во квалификациите за Евробаскетот 1999 година и незаборавниот натпревар против Полска во кој постигна 49 поени.
Наумоски ќе остане запомнет како еден од најдобрите македонски кошаркари на сите времиња, виртуоз кој пленеше со своите потези и против најдобрите кошаркари на „стариот континент“.
View this post on Instagram
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА