Потсетувајќи се на успесите на легендите на македонскиот спорт, ЕКИПА започнува „Ден на македонските легенди“, секоја среда на ЕКИПА.МК
Шабан Трстена роден на 1. јануари 1965 година во Скопје е еден од најмладите олимписки шампиони и освојувач на златниот медел за Југославија на Летните олимписки игри во Лос Анџелес 1984 година пред преполна сала која навиваше за неговиот противник. Тој потекнува од популарната чаирска улица „Јахја Паша“, каде живеел со своето скромно семејство, без многу материјални добра, но со многу желба и мотиација која секогаш го поттикнувала да сонува за големи успеси.
Шампионскиот пат го трасира уште во 1981 година на балканското првенство во Пула каде го освојува златниот медал на 16 годишна возраст. Во 1982 година го освојува бронзениот медал на Светското првенство во Полска, а 1983 година ја закитува со златен медал на Медитеранските игри во Казабланка и бронзен медал на Европското првенство.
Година подоцна се закитува со златниот медел на Европското првенство, како и златниот медал на Олимписки игри во Лос Анџелес каде ги поразува фаворизираните Џо Гонзалез и Јуџи Такада.
Богатата кариера продолжува во ист стил до самиот крај. Во 1985 и 1986 година се закитува со сребрениот медал на Европските првенства, во 1987 година го освојува златниот медал на Медитеранските игри, а во 1988 година покрај бронзениот медал на Европското првенство, го освојува и сребрениот медал на Олимписките игри во Сеул. Овој пат и среќата не беше на негова страна бидејќи повредата на неговото колено му го отежна натпреварувањето и го спречи да ја одбрани титулата од Лос Анџелес.
Потоа следат златните медали на Европското првенство во Познан и на Медитеранските игри во Атина во 1990 и 1991 година.
Во текот на својата богата кариера, Трстена постигна вкупно 757 победи на светските арени низ целиот свет. Освои се што може да освои еден спортист: олимписки шампион, олимписки вицешампион, освојувач на осум медали од Европски првенства, два медали од Светските првенства, три медали од Балканските првенства и трикратен освојувач на Медитеранските игри.
Шабан Трстена беше прогласен и за Спортист на СФРЈ во 1984 година во конкуренција на огромен број врвни спортисти. Беше прогласен и за Спортист на милениумот во 2000 година. Двапати во неговата кариера е прогласен за најдобар борач на светот и Европа, и тоа во олимписките години кога освојува злато и сребро. Прогласен е и за Спортист на 20. век во Македонија, седум пати најдобар спортист на Македонија и десет пати најдобар спортист на Град Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА