МЗТ Скопје и Работнички вечерва (19 часот) ќе излезат на мегдан во најновото вечно дерби во мак-баскетот, дуел што за првпат во историјата ќе биде одигран во скопска Кисела Вода, поради зафатеноста на „СЦ „Јане Сандански“ и неможноста клубовите да се договорат за нов термин.
Преголем акцент во изминатиот период беше ставен токму врз овие препукувања кој е виновен за целокупната ситуација, но време е денеска фокусот да биде ставен онаму каде што треба – на теренот каде ќе истрчаат два од трите тима со шампионски амбиции (заедно со Пелистер), кои во меѓусебен дуел ќе покажат кој од нив се наоѓа во подобра форма на стартот од новата година.
МЗТ моментно е лидер, но аеродромци во последното коло против Пелистер покажаа низа слабости во играта што битолчани и со ослабен ростер ги искористија за да стигнат до победата. Затоа, нов пораз во дерби-дуел би го зголемил притисокот врз тренерот Атанасов, па на стратегот на „металците“ му е јасно дека мора да најде начин да го победи Работнички, како што тоа го стори во првиот овосезонски дуел во кој аеродромци доминираа славејќи со 73-59.
Работнички го смени тренерот од тој меч, новиот стратег Самарџиев се мачеше на почетокот, но кавадарчанецот се чини конечно успеа да ја најде вистинската формула. „Центарци“ врзаа четири победи во последните четири рунди, сите триумфи беа со двоцифрена разлика, за кревање на самодовербата во пресрет на клучниот дел од сезоната.
Предизвикот е огромен, ако се земе во предвид и извонредната серија на МЗТ од осум победи во низа во пресметките со Работнички, од кои пет од последните седум беа со двоцифрена разлика. Од „црвено-белиот“ дел од градот најавуваат дека е време таа серија да биде прекината, но јасно е дека МЗТ Скопје како домаќин и актуелен шампион ќе ја има фаворитската улога.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА