Интернационалниот Олимписки Комитет денеска прими неколку нови спортови во своето „семејство“, при што нов олимписки спорт почнувајќи од Игрите во Токио ќе биде и баскетот „три на три“. Станува збор за натпреварување во чиј развој ФИБА значително инвестираше во изминатиот период, па ИОК реши да му даде шанса и на следните Олимписки Игри, кои за три години ќе се одржат во Токио.
„Ова е историски ден за ФИБА и за баскетот три на три. Добивме признание за десетте години напорна работа на дефинирањето на правилата и вклучувањето на баскетот во мрежата на натпреварувања. Патот од улиците до олимписките медали стана реалност за светската кошаркарска заедница, благодарни сме му на ИОК за денешната одлука“ – изјави генералниот секретар на ФИБА, Патрик Бауман.
На ОИ во Токио во 2020 година ќе се натпреваруваат по 32 екипи во машка и во женска конкуренција, а форматот на квалификации и на наатпреварување дополнително ќе биде објавен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА