Љубљана денеска е центар на европскиот ракомет, откако најдобрите четири женски селекции се преселија во словенечкиот главен град, каде во салата „Тиволи“ ќе ги играат полуфиналните пресметки од ЕП 2022. Франција и Црна Гора од Скопје отпатуваа во Љубљана по успешниот настап во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, каде ќе ги очекуваат дуели со Норвешка и Данска, најдобрите селекции од главната фаза во Словенија.
Прво на програмата е полуфиналето меѓу Данска и Црна Гора, кое стартува во 17.45часот. Данките во премиерниот меч од ЕП беа шокирани од Словенија, но оттогааш влегоа во извонредна серија, па со последниот триумф во скандинавското дерби со Норвешка го осигураа и првото место во групата, избегнувајќи полуфинале со Франција. Барем на хартија, Данска важи за фаворит против Црногорките, но скандинавските се свесни дека никако не смеат да го потцнат незгодниот ривал.
„Никако не се согласувам дека ние сме големи фаворити. Црна Гора игра „лудачки добар ракомет“, а да не заборавиме и дека има ветер во грбот поради големиот број навивачи што ја бодрат оваа селекција, и кои сигурно ќе бидат во салата и денеска. Знам дека ќе ни биде тешко, Црна Гора воопшто не е противник од соништата за нас“, изјави Кристина Јоргенсен.
Данска е без медал на европските шампионати уште од среброто на ЕП во Унгарија во 2004 година, шанса што „црвено-белите“ ќе сторат се за да не ја пропуштат.
Во второто полуфинале вечерва во 20.30 часот силите ќе ги одмерат Норвешка и Франција. Прогнозите велеа дека овие две селекции како главни фаворити би требало да се сретнат во дуелот за златото, но Норвежанките неочекувано загубија на клучниот меч со Данска, замрсувајќи ги сметките во оваа нокаут фаза.
Статистиката вели дека овие две селекции одиграле 22 официјални натпревари против себе, при што Норвешка има импресивна статистика од 18 победи, наспроти само четири на Французинките. Сепак, Франција одигра импресивно во Скопје, со пет рутински победи на пет меча јасно истакнувајќи ја кандидатурата за златен медал на овој шампионат.
Норвешка со извонредно второ полувреме ја декласираше Франција во финалето од ланскиот ракометен мундијал со 29-22, а скандинавските беа подобри и на последното ЕП, во финалето славејќи против Французинките со 22-20. Последниот триумф на Франција над денешниот ривал е во финалето на СП 2017, со 23-21.
„Играме навистина одлично на овој шампионат, особено сме импресивни во одбраната, а потоа постигнуваме лесни голови од контранапад. Победивме квалитетни противници, а и доволно сме одморени бидејќи дел од најважните играчи одморија на последниот натпревар, воопшто не влегувајќи во игра“, изјави францускиот селектор Оливие Крумбхолц.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА