Интер денеска и официјално ќе го реши тренерското прашање по заминувањето на Симоне Инзаги откако „нероаѕурите“ доцна синоќа ги договорија условите за соработка со Кристијан Киву. Откако Инзаги реши да се пресели во Ал Хилал, а Фабрегас ја одби понудата останувајќи во Комо вниманието беше насочено кон Киву, кој ја прифати оваа одговорна функција.
Романецот кој своевремено беше соиграч на Горан Пандев во Интер до неодамна беше и тренер во младинската академија на „нероаѕурите“. Тој во февруари потпиша договор како шеф на стручниот штаб на Парма, помогна оваа екипа да се избори за опстанок во елитното друштво, но бидејќи договорот му беше со важност до крајот на сезонава, тој одолговлекуваше во преговорите во исчекување на подобра таа понуда.
Таа пристигна синоќа, откако Интер му понуди на Киву двогодишен договор за плата од 1,5 милиони евра по сезона, плус лесно остварливи бонуси од 500.000 евра.
Синоќешниот состанок во хотел во центарот на Милано двете страни го оцениле како максимално успешен, па за денеска се најавува потпис на договорот, по што „нероаѕурите“ по решеното тренерско прашање ќе се насочат кон засилување на играчкиот кадар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

