Денеска е денот „Д“: ЕХФ ќе пресече – Алкалоид мора да го добие европскиот трофеј што го заслужува

Минаа повеќе од 24 часа од скандалозното однесување на делегацијата на АЕК и неиграњето на реваншот од ЕХФ Европскиот куп, а европската куќа на ракометот во текот на денешниот ден би требало да ја донесе и официјалната одлука околу статусот на овој натпревар.

Со оглед на околностите, исправна одлука може да биде само една – службена победа за Алкалоид и крунисување на македонскиот тим со европски трофеј. Можеби нема да биде онака како што Лазаров и неговите избраници посакуваа – со победа на терен над грчки ривал и пред полна сала, но нема никаков сомнеж дека Алкалоид овој трофеј апсолутно го заслужи – со серијата маестрални игри во Европа во текот на целата сезона, крунисана со оние фантастични „плус четири“ во грчкиот пекол од пред еден викенд во Атина.

Во изминатите 24 часа беа собрани сите официјални изјави од клубовите, но и од делегатот и судиите, кои по мечот имаа само пофални зборови за организацијата, без најмал инцидент пред почетокот на натпреварот што не го дочека својот почеток.

Не само што Алкалоид треба да биде крунисан во првак во ЕХФ Европскиот куп, туку и мора да следи жестока казна за АЕК. Затоа што изговорот за немање доволно навивачи во Скопје (а постојат видео снимки од нивни фанови пред хотелот каде што престојуваа пред финалето), да не се излезе на терен и да се води спортска борба – е во најмала рака деградирачко за целокупниот ракометен спорт.

А ако со децении сите спортови „трубат“ како политиката треба да се тргне на страна од спортот, ова е одлична можност ЕХФ конечно да го повлече тој чекор. Не за Алкалоид, туку за доброто на целокупниот европски ракомет, каде со една челична рака и одлука денеска може да се испрати јасна порака до сите за во иднина – ракометните битки се водат на терен, се останато е апсолутно неприфатливо.

Се вчитува...