Македонските ракометари денеска ги очекува нов предизвик, пресметка со селекцијата на Холандија која е сериозен ривал и која во првото коло ја декласираше Аргентина со десет гола разлика. „Црвено-жолтите“ на вчерашниот тренинг порачаа дека поразот од Норвежаните го оставиле зад себе, но дефинитивно ќе мора да се променат одредени аспекти во нашата игра ако се сака подобар исход на вечерашниот.
Затоа што Холандија можеби не е на нивото на Норвешка, но игра уште побрз ракомет со кој безмилосно ги казнува грешките на противниците.
Затоа, ова се трите работи што ќе треба да се променат за да можеме да се надеваме на успех и прва радост во Краков…
1. Намалување на техничките грешки…
Дури 17 технички грешки беа направени на дуелот со Норвешка, премногу за едно големо натпреварување, уште повеќе што против себе имавме исклучително силна селекција чија главна одлика беше брзината. Холандија покажа цврстина во одбраната примајќи само 19 гола од Аргентина, исто така казнувајќи ги грешките на противникот со контри и полуконтри, па јасно е дека ова е сегмент од играта во кој ќе мораме да бидеме на далеку повисоко ниво отколку пред два дена.
2. Подобра одбрана…
Лесно е да се каже, оди направи го ако можеш… но факт е дека одбраната ни е далеку од посакуваното ниво. Немаме играч од калиброт на Јоноски или Велко Марковски, а на Лазаров тешко му оди да состави дефанзивно гледано компактна зона. За предизвикот да е уште поголем, од спротивната страна ќе го имаат Лук Стеинс, „мозокот“ на екипата на ПСЖ, играч што не само што самиот ќе биде голема опасност по противничкиот гол, туку и знае како да ја разигра целата екипа.
3. Голманите да имаат свој ден
Митревски имаше шест, а Томовски две одбрани на првиот натпревар со Норвешка, а за триумф на мундијалски натпревар дефинитивно се потребни повеќе од осум одбрани од голманската позиција. Вината за поразот воопшто не е кај чуварите на мрежата, кои поради слабата одбрана често беа оставани како „на стрелиште“, но ако се сака да се победи Холандија, и нашите голмани дефинитивно ќе мора да бидат на едно уште повисоко ниво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА