Денеска на ЕП: Може ли Србија да ја „спакува“ Хрватска?

Србија и Хрватска ќе ги одмерат силите во групата во Сегедин, која може да донесе екпресна елиминација на „коцкестите“ по само две одиграни кола на овој шампионат. Хрватска не знае за пораз од Србија на средбите во последните десет години (по поразот во Белград во полуфиналето од ЕП 2012), но овојпат ситуацијата е значително променета, Хрватите се соочуваат со проблеми поради смената на генерации, додека Србија игра извонреден ракомет по доаѓањето на шпанскиот стратег Џерона на клупата.

Згора на тоа, коронавирусот го десеткуваше составот на Хрватска на стартот од ова ЕП, против Србија се враќа Лука Циндриќ, но во тимот ќе ги нема Дувњак, Мамиќ, Шушња и Михиќ. Покрај овој квартет, Хрватска ќе биде и без левото крило Мандиќ, кој доби син картон на премиерниот дуел со Франција, што значеше и суспензија за денешниот натпревар.

Хрватите во првото коло загубија од Франција, па неуспех вечерва во Сегедин ќе значи и дефинитивно губење на сите шанси за пласман во следната рунда. Од друга страна, Србите по слабите настапи на големите натпреварувања во изминатите години конечно имаат состав за респект, кој може да се носи со секој противник.

„Пред нас е многу тежок натпревар против Хрватска, балканско дерби, меч што секогаш има посебен шарм бидејќи двете репрезентации се многу квалитетни. Се надевам дека со добра игра, како и против Украина, ќе стигнеме до позитивен резултат“, изјави пивотот на српската репрезентација, Михајло Марсениќ.

ДЕНЕСКА НА ЕП 2022

18 ЧАСОТ

Македонија – Црна Гора

Чешка – Босна и Херцеговина

Франција – Украина

Словачка – Литванија

20.30 ЧАСОТ

Хрватска – Србија

Словенија – Данска

Норвешка – Русија

Шпанија – Шведска

Се вчитува...