Денеска на ЕП: „Последен воз“ за златната генерација на Белгија, Словенците по сензација

Осминафиналните натпревари на Европското првенство во Германија продолжуваат денеска со два исклучително интересни натпревари помеѓу Франција и Белгија, односно Португалија и Словенија по кои воедно ќе биде познат и третиот четвртфинален пар откако во следната фаза се пласираа Швајцарија, Германија, Англија и Шпанија.

Шампионатот досега покажа дека фаворитите не секогаш се оние кои доминираат на теренот и лесно го надминуваат предизвикот, но и дека за сензација не се потребни само 90. минути игра, туку концентрација и смиреност се до последниот судиски свиреж па поуката од последните два дена се очекува добро да ја научат Французите, Белгиците, Португалците и Словенците.

ФРАНЦИЈА – БЕЛГИЈА          18 часот

И покрај тоа што важат за фаворит број еден за освојување на шампионатот, Французите не покажаа убедлива игра во досегашниот дел од првенството. Од Франција се очекуваат голови, но по групната фаза ниту еден од двата постигнати не дојдоа од игра. Против Австрија, Франција славеше со автогол, додека против Полска, Килијан Мбапе ја затресе мрежата од белата точка.

За победа против мотивираните Белгици за кои шампионатот во Германија е „последен воз“ за медал на „златната генерација“ предводена од Кевин де Брујне ќе биде потребно далеку поубедлива игра, но реализација на шансите, нешто што е проблем и за двете репрезентации кои по Србија се двете најлоши репрезентации на шампионатот доколку се земат во предвид реализираните шанси (само два гола од 48 обиди).

Статистиката вели дека овие две репрезентации во натпреварот влегуваат доста изедначени со по два постигнати и по само еден примен гол, но историјата е во полза на Франција која славеше во последните четири меѓусебни натпревари на големите шампонати (Европско и Светско првенство).

ПОРТУГАЛИЈА – СЛОВЕНИЈА        21 часот

По неочекуваниот пораз од Груција кој стави крај на серијата од 12 последователни победи, Португалците ќе целат кон „обелување на образот“ и пласман во следната фаза, но за тоа ќе им биде потребна прва историска победа против Словенија.

Интересно, овие две репрезентации досега одиграа само еден натпревар, оној пријателскиот во март оваа година кој заврши со победа од 2-0 за словенечките фудбалери во Љубљана.

За Словенија пак да се најде во следната фаза ќе биде потребно прв триумф на шампионатот досега со оглед на тоа што групната фаза за оваа поранешна југословенска држава заврши со три ремиња.

Тоа што ги разликува овие две репрезентации е поседот на топка. Португалија по групната фаза е втората најдобра репрезентација кога е во поглед оваа статистика, додека со 32 отсто посед, Словенија е пак третата најлоша репрезентација во историјата на Европските првенства по Исланд на шампионатот во 2016 година (29 отсто) и Шведска на Евро 2020 (30 отсто).

Се вчитува...