Денеска на ЕВРО 2024: Момент на вистината за Хрватска, дали сте знаеле…

Третото коло од групата Б е денеска на програмата на ЕВРО 2024, по кое ќе биде познат епилогот и во „групата на смртта“ како што беше нарекувана веднаш по ждрепката за овој европски шампионат.

Дербито се игра во Лајпциг, каде Хрватска ќе излезе на мегдан против бранителот на трофејот Италија. „Аѕурите“ имаат три бода, Хрватска само еден, па јасно е зошто„коцкестите“ мораат да одат на победа на вечерашниот дуел.

Шпанија е сигурно прва, па селекторот Де ла Фуенте веќе најави дека против Албанија ќе направи значително ротации во тимот. Јасно е дека „црвената фурија“ ќе ја има фаворитската улога без разлика со кој состав ќе настапи, но Албанците на првите две средби покажаа дека поседуваат квалитет да се носат со ривали со далеку поголемо реноме од нив.

На Албанците им е неопходна победа за пласман во осминафиналето, а во случај на реми би можеле да бидат трети (ако Хрватска не ја победи Италија) и да чекаат разврска за како една од најдобрите четири третопласирани селекции да се најдат во следната фаза.

ИТАЛИЈА – ХРВАТСКА

Ова ќе биде трет дуел на Хрватска и Италија на големите натпреварувања, Хрватите славеасо 2-1 на СП 2002, додека дуелот на ЕВРО 2012 заврши без победник (1-1).

Хрватска е без пораз на последните осум дуели со „аѕурите“ (три победи и пет реми). Последните три меча на овие селекции завршиле со идентичен резултат, 1-1.

Италија има само еден пораз во последните рунди од групната фаза на европските првенства (шест побед и две реми), и тоа од селекцијата на Република Ирска во 2016.

Селекцијата на Италија досега одиграла само еден меч во историјата во Лајпциг, во 1982 губејќи од тогашна Источна Германија со 1-0.

АЛБАНИЈА – ШПАНИЈА

Шпанија има осум победи на досегашните осум дуели со Албанија, со импресивна гол разлика 31-3. Ова е најдобриот стопроцентен скор на Шпанците исто како и против Малта и Лихтнштајн, селекции што „црвената фурија“ ги има победено осум пти во низа.

Албанија загуби со 9-0 од Шпанија во декември 1990, што е најубедлив пораз на оваа селекција на еден официјален натпревар.

Албанија постигна прва гол и против Италија и против Хрватска, но не успеа да слави на овие две средби. Досега во историјата на ЕП се нема случено една селекција да даде прв гол на првите три средби од групната фаза, а да не успее да слави на ниту една од нив. 

Ако Педри настапи вечерва, тој ќе стане рекордер на ЕП по број на одиграни средби до 21-годишна возраст. Бисерот на Барса моментно има 12, со што е израмнет со Кристијано Роналдо во оваа категорија.

Се вчитува...