Денешната програма на ЕВРО 2024 ќе биде исклучиво во вечерен термин, на терените ширум Германија ќе се играат само средбите од третото коло во групата А кои ќе дадат одговор кои две селекции како првопласирани ќе обезбедат пласман во осминафиналето, а која како трета ќе ја чека разврската од останатите групи за да види дали ќе се најде во нокаут фазата.
Германците моментно се први, а на Швајцарија и е неопходна победа ако сака да стигне до првото место во групата. Дуелот меѓу Шкотска и Унгарија е пресметка за третата позиција, со тоа што Шкотите веќе имаат еден бод (од ремито со Швајцарија), додека Унгарците се без бодови по поразите од Швајцарците и од Германците во првите две рунди.
ШВАЈЦАРИЈА – ГЕРМАНИЈА
Швајцарија е без пораз на последните три средби со Германија (една победа, две реми). Овие три средби донесоа неверојатно ефикасен фудбал со вкупно 16 постигнати голови.
Швајцарците немаат загубено на последните осум средби од третите рунди од еврпоските шампионати (пет победи и три реми). Последниот пораз во третото коло оваа селекција го претрпе на ЕВРО 2024, од Франција со 1-3.
Џамал Мусиала ќе се обиде да стане првиот фудбалер по Мирослав Клосе на СП 2002 што се запишал меѓу стрелците на првите три средби од едно големо натпреварување.
ШКОТСКА – УНГАРИЈА
Ова ќе биде прв официјален меч меѓу Шкотска и Унгарија. Овие две селекции имаат одиграно девет пријателски средби, со четири победи на Унгарија, три на Шкотска и две реми).
Последниот дуел меѓу овие ривали се одигра во март 2018 во Будимпешта, кога Шкотите како гости славеа со 0-1.
Унгарија има забележано само една победа на последните 17 средби на големите натперварувања против европски селекции (пет реми и 11 порази), триумфот од 2-0 над Австрија на ЕВРО 2016.
Унгарија е без победа на последните осум средби на ЕП (четири реми и четири порази). Единствената селекција со подолга црна серија е Русија (девет) во периодот од 1988 до 2004 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА