Денеска на СП: Ден за убав фудбал – тргнуваат Германија и Бразил

Се е подготвено за нови возбудувања на терените ширум Русија, денеска своето деби на СП 2018 ќе го имаат бранителот на трофејот Германија и најтрофејната селекција на мундијалите, Бразил.

КОСТАРИКА – СРБИЈА   14 часот

Костариканците се „крстат“ во цврстата одбрана на чело со голманот Кејлор Навас. Искуството е значаен адут ако ссе знае дека само четири од 23-те патници за Русија имаат под 28 години. Проблем претставуваат повредите во одбранбената линија, па така селекторот Рамирез нема да може да смета на Матарито, Салватиера и Мененсес.

Србија по пропуштеното СП во Бразил се враќа на мундијалите, а на нашите северни соседи им е јасно дека денешниот дуел мора да се добие во пресрет на пресметките со Швајцарија и Бразил, за влез во осминафиналето. Најавена е формација 4-2-3-1 со Митровиќ како најистурен напаѓач, помогнат од Тадиќ, Костиќ и Милинковиќ – Савиќ.

ГЕРМАНИЈА – МЕКСИКО

Селекцијата на Мексико е првиот ривал против кого Германците ќе ја стартуваат одбраната на титулата. Мексиканците лани беа декласирани од резервниот состав на Германија со 4-1 на Купот на конфедерациите, што ќе претставува само мотив повеќе за докажување на оваа мундијалска премиера. Оваа селекција постигна само еден гол на последните четири контролни натпревари, па навивачите се погласно бараат враќање во врвот на нападот на Чичарито, додека селекторот упорно го форсира Хименез.

Кај Германија речиси сигурно ќе отсуствува Месут Озил, чие место ќе му припадне на Ројс или на Дракслер. Поразот на контролата со Австрија ги разбуди светските прваци, кои се свесни дека мора да останат максимално фокусирани во текот на целиот меч бидејќи секоја грешка на мундијалите скапо се плаќа.

Тимо Вернер ќе ја има улогата на предводник на нападот, помогнат од Томас Милер, кој го брка рекордот на Мирослав Клосе за најдобар стрелец во историјата на мундијалите.

Овие две селекции последен пат се сретнале на едно СП во 1998 година, кога Германија во осминафиналето славеше со 2-1, со пресврт со головите на Клинсман и Бироф во последните петнаесет минути.

БРАЗИЛ – ШВАЈЦАРИЈА

Бразилците според многумина се најголеми фаворити за титулата на овој мундијал, па интересно ќе биде да се види нивното премиерно издание во Русија против дефанзивно цврстата селекција на Швајцарија. Нејмар ги надмина проблемите со повредата, па иако Тите тврди дека тој не е 100% фит, асот на ПСЖ ќе се појави во стартниот тим на вечерашниот дуел.

Швајцарците имаат само еден пораз на последните 22 средби, оној од 2-0 на гостувањето во Португалија во финишот од квалификациите, но на сите им е јасно дека предизвикот наречен Бразил е поголем од сите претходни дуели.

Нејмар, Вилијан и Габриел Хесус ќе се најдат во напаѓачкото трио на „кариоките“, помогнати од Кутињо и од Паулињо, како доволна потврда за извонредната офанзивна моќ на Бразилците. За разлика од минатото, овојпат „кариоките“ делуваат моќно и во одбраната, па оваа селекција е без примен гол на последните пет средби.

Бразил и Швајцарија единствениот мундијалски дуел го имаат одиграно во далечната 1950 година, меч што завршил без победник (2-2).

Се вчитува...