Нов богат натпреварувачки ден е на програмата во четирите градови домаќини на групната фаза од Светското Првенство во Франција. Најинтересна се очекува да биде пресметката меѓу домаќинот Франција и Норвешка, а вниманието на македонската јавност дефинитивно ќе биде насочено кон дуелот во меѓу меѓу Исланд и Тунис.
ГРУПА А, Нант
ФРАНЦИЈА – НОРВЕШКА 17.45ч
Норвешка само два пати ја има победено Франција на светските првенства, последен пат во далечната 1961 година. Сепак, Французите добро го паметат дуелот од последното Европско Првенство во Катар, каде во последниот меч од групната фаза загубија од Норвежаните со 24-29, со што беа елиминирани и ја загубија европската круна. И двете селекции имаат по максимални четири бода по првите две кола, така што овој меч ќе даде одговор на прашањето кој ќе го освои првото место во групата А, па ќе се сретне со четвртата репрезентација од групата Б, од која дел е и Македонија.
БРАЗИЛ – ЈАПОНИЈА 20.45ч
Овие две репрезентации само еднаш се сретнале на мундијалите, неизвесен дуел во 2011 година што заврши со минимална победа на Јапонија од 33-32. За Јапонците ова треба да биде нешто полесен меч откако во првите две кола убедливо загубија од Русија и од Франција, додека Бразил ќе биде полн со самодоверба по вчерашниот триумф над Полска.
ГРУПА Б, Мец
ИСЛАНД – ТУНИС 14.45ч
Исланд одигра две добри средби, но остана без бодови и против Шпанија и против Словенија. Ова е меч од огромно значење и за Македонија, бидејќи победа на Исланд ќе значи и дефинитивна елиминација на Тунис и пласман на нашиот национален тим во осминафиналето. Овие две репрезентации последен пат се сретнаа на големите натпреварувања на СП 2007, меч што заврши со победа на Исланд од 36-30.
ГРУПА Ц, Руен
ЧИЛЕ – ГЕРМАНИЈА 17.45ч
Ова е прв дуел меѓу овие две селекции во историјата на ракометните мундијали. Чилеанците го отворија ова СП со историска победа над Белорусија, прва за нив над една европска репрезентација. Германија со многу мака ја одржа предноста од првиот дел и славеше над Унгарија, но денешниот дуел ќе биде само рутински тренинг за актуелните европски шампиони.
С. АРАБИЈА – БЕЛОРУСИЈА 20.45ч
Пред четири години овие две селекции се сретнаа на СП во Шпанија, при што Белорусија ја „прегазија“ Саудиска Арабија со неверојатни 33-13. Двете селекции со пораз го стартуваа овој мундијал, Белорусија беше шокирана од Чиле, додека Саудиска Арабија добро се спротивстави на фаворитот Хрватска.
ГРУПА Д, Париз
АРГЕНТИНА – ШВЕДСКА 14.45ч
Швеѓаните имаат скор од четири победи и еден пораз во досегашните дуели со „гаучосите“. Воедно, Шведска славеше со убедливи 20-11 на последната меѓусебна пресметка, како увертира за ОИ во Рио (20-11). Аргентинците единствената победа ја забележаа во групната аза од СП 2011, кога триумфираа со 27-22.
БАХРАИН – КАТАР 17.45ч
Овие две репрезентации играа шест пати меѓу себе во последните три години, при што Катар забележа пет победи и еден пораз (во ноември 2015 со 25-31). Бахраин одигра катастрофално во нападот во првото коло, постигнувајќи само 16 погодоци. Ова ќе биде и дуел на најслабите репрезентации од крилните позиции, Бахраин не постигна ниту еден гол, наспроти еден погодок на Катар против Египет (1/5).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА