Денеска на СП: Исланд врши притисок врз Аргентина, „војна“ меѓу Србија и Швајцарија

Три нови интересни натпревари се денеска на програмата на СП, а најмалку неизвесно се очекува да биде на дуелот меѓу Бразил и Костарика, на кој „кариоките“ ќе ја бркаат својата прва победа на овој мундијал.

БРАЗИЛ – КОСТАРИКА     14 часот

„Кариоките“ се без пораз на последните дванаесет натпревари, но по слабиот старт и ремито против Швајцарија јасно им е дека денеска немаат право на грешка доколку сакаат да го освојат првото место во групата. Добра вест е што Нејмар ги надмина проблемите со повредата и ќе биде стартер во напаѓачкото трио крај Вилијан и Хесус, а проблем за селекторот Тите претставува повредата на Данило, поради што бразилскиот кормилар ќе мора да експериментира на позицијата десен бек.

Костариканците во првото коло загубија од Србија со 0-1, па јасно е дека и во денешниот меч ќе влезат како тотални аутсајдери. Последниот мундијалски натпревар меѓу овие две селекции е одигран на СП 2002, кога Бразилците славеа со убедливи 5-2. Севкупно гледано, овие селекции имаат одиграно вкупно десет меѓусебни средби, Бразил има девет победи, а Костариканците се радувале само еднаш, во далечната 1960 година.

ИСЛАНД – НИГЕРИЈА        17 часот

Интересен станува расплетот во групата Д, откако Аргентина во првите две кола освои само еден бод и се наоѓа на работ на елиминација. Исланд има еден бод и со евентуален триумф денеска би направил огромен чекор напред кон осминафиналето, воедно и би ги донел „гаучосите“ на работ на амбисот. На спротивната страна, ниту Нигеријците не се без шанси, но мора да слават на денешниот дуел доколку сакаат да останат во игра за следната рунда.

Традицијата вели дека Нигерија има пет победи на мундијалите, сите пет над ривали од Европа. Оваа африканска селекција на последните 13 мудијалски средби има само една победа (три реми, девет порази), а никогаш досега не се пласирале во осминафиналет откако го загубила премиерниот натпревар. Исланѓаните најверојатно ќе бидат без Гудмундсон, кој се повреди против Аргентина, но се максимално мотивирани со победа денеска да се најдат на работ на осминафиналето, што би бил огромен успех за најмалата држава на овој мундијал.

ШВАЈЦАРИЈА – СРБИЈА     20 часот

Најинтересен се очекува да биде вечерашниот натпревар во кој силите ќе ги одмерат Швајцарија и Србија. Дел од Швајцарците со албанско потекло во оваа селекција се обидоа да стават националистички акцент на натпреварот, Србите не се навлекоа на тие провокации, но јасно е дека на теренот ќе се води „војна“, не поради политиката туку поради значењето на бодовите од оваа средба. Србија со победа дефинитивно би била во осминафиналето, а во ситуација кога во третото коло ги очекува дуел со Бразил јасно е зошто за нив денешниот меч е „да се биде или не“ за нашиот северен сосед.

Селекторот Крстајиќ најави само една промена во тимот во однос на премиерата со Костарика, Костиќ ќе добие шанса на местото на Љајиќ. На спротивната страна, швајцарскиот селектор нема да менува ништо, па Сеферовиќ повторно ќе биде осамен во нападот.

Се вчитува...