Денеска на СП: Пиринејска битка во Сочи

Вториот натпреварувачки ден од СП 2018 ќе донесе три нови средби, од кои и еден голем дерби-дуел, оној во Сочи меѓу соседите од Пиринејскиот полуостров, Шпанија и Португалија.

УРУГВАЈ – ЕГИПЕТ  (14.00 часот)

Најважно за Египет е што Мохамед Салах е „фит“ за настап, но останува да се види колку асот на Ливерпул ќе може да ги предводи „фараоните“ до позитивен резултат против фаворитот во групата. За Египет ова е прв настап од СП 1990, кога оваа селекција во групната фаза освои два бода. Во подготовките „фараоните“ беа во слаба форма, се мачеа без Салах, па на последните три контролни средби постигнаа само еден гол, против Кувајт.

За Уругвај ова е трет мундијалски настап во низа, а Суарез и Кавани повторно се предводници на оваа јужноамериканска селекција.

„Мислам дека сме во добра форма. Сите средби на СП знаат да донесат изненадувања, затоа максимално сме фокусирани. Имаме голема почит кон Египет, секако дека овој ривал може да изненади, но мислам дека имаме добри шанси за победа“ – изјави уругвајскиот селектор Оскар Табарез.

МАРОКО – ИРАН   (17.00 часот)

Дуелот на аутсајдерите во групата Б, две селекции кои многу поголемо внимание посветуваат на одбраната отколку на игата во напад. Мароко во текот на квалификациите на шест натпревари не прими ниту еден единствен гол, а оваа селекција се наоѓа во серија од 18 средби без пораз.

За Иран ова е втор мундијал во низа, во кој азиската селекција на клупата ќе го има поранешниот тренер на Реал Мадрид, Карлос Квеироз. Проблем за Иранците во подготовките беше недостигот на спортска опрема поради одлуката на компанијата Најк да не им ја достави договорената опрема пради санкциите на САД кон Иран. Поради ова беа принудени да одложат две од планираните три контролни средби, а на единствениот меч одигран во пресрет на овој мундијал ја совладаа Литванија со 1-0.

ШПАНИЈА – ПОРТУГАЛИЈА   (20.00 часот)

 

Сите се во исчекување да се види во колкава мера хаосот со заминувањето на селекторот Лопетеги ќе влијае врз игрите и резултатите на Шпанија на овој мундијал. Лопетеги немаше ниту еден единствен пораз како селектор на „црвената фурија“, но со одлуката за преселба во Реал Мадрид ги налути челниците на федерацијата, кои му врачија отказ на еден ден пред стартот на СП. Негов наследник е директорот на репрезентацијата, Фернандо Јеро, кој и самиот најави дека нема време за промени на тактички план, додека капитенот Рамос призна дека атмосферата меѓу фудбалерите е нарушена.

Неискуството на Јеро (во тренерската кариера има работено само во второлигашот Овиедо, без поголем успех), може да биде значаен фактор во директната пресметка со Сантош, искусниот стратег кој пред две години им ја донесе на Португалците титулата европски првак.

Соседните селекции последен пат се сретнаа на еден мундијал во осминафиналето од СП 2010, кога Шпанија со голот на Давид Вилја победи со 1-0.

Се вчитува...