Денеска на СП: Шанса за поправен за Меси и Аргентина

Најинтересен од трите денешни натпревари се очекува да биде оној вечерниот, во кој во Нижњи ќе се сретнат Аргентина и Хрватска.

ДАНСКА – АВСТРАЛИЈА   14 часот

Данците забележаа среќна победа во првото коло против Перу, па имаат можност со триумф денеска да си го осигураат пласманот во осминафиналето. Цврстата одбрана е главна одлика на оваа селекција, која нема примено ниту еден гол на последните пет натпревари.

Ако ги споредуваме играчите, ние имаме неколку кои се на повисоко ниво во однос на нивните. Сепак, очекувам неизвесен натпревар, тие ќе ни го препуштат притисокот што го носи фаворитската улога и ќе играат слободно. Кога пред тебе е ѕид од десет противнички фудбалери пред шеснаесетникот, тоа не е лесно да се мине“ – изјави данскиот селектор Хареиде.

На спротивната страна, Австралија има седум порази на досегашните девет мундијалски средби со ривали од Европа. „Кенгурите“ во првото коло несреќно загубија од Франција, па денеска немаат право на грешка, доколку сакаат да си ги задржат шансите за осминафиналето.

ФРАНЦИЈА – ПЕРУ            17 часот

Француските фудбалери се свесни дека со многу среќа стигнаа до победа над Австралија, па мора во многу подобро светло да се претстават на дуелот со Перу. Селекторот Дешамп би можел да направи рокада во нападот, каде Жиру би го зазел местото на Дембеле, кој одигра многу слабо против „кенгурите“. Французите немаат примено гол на последните шест средби против ривали од Јужна Америка, серија што ќе се обидат да ја продолжат и на денешниот дуел.

Перу упати 17 удари кон голот на Данска, но го загуби овој натпревар со 0-1, па оваа селекција се надева на подобра ефикасност на пресметката со „триколорите“. Капитенот Пауло Гереро беше резерва на првиот дуел, но за денеска е најавен како стартер.

АРГЕНТИНА – ХРВАТСКА       20 часот

„Гаучосите“ разочараа со ремито на стартот против Исланд, па затоа денеска не смеат да си дозволат неуспех против Аргентина. Селекторот Сампаоли најавува промени во тимот, Павон ќе го заземе местото на Ди Марија, но Дибала и Игуаин повторно се најавени на клупата за резерви. Клучно сепак ќе биде да се разбуди Лионел Меси, кој промаши пенал против Исланд, а севкупно е без постигнат погодок на последните пет мундијалски натпреври.

Хрватскиот селектор Далиќ сигурно ќе се реши за нешто подефанзивна тактика отколку против Нигерија, па Бадељ или Ковачиќ ќе донесат цврстина на средината на теренот. „Коцкестите“ претрпеа порази на последните четири мундијалски средби со ривали од Јужна Америка, серија што ќе се обидат да ја прекинат вечерва во Нижњи.

Овие две селекции последен пат се сретнаа на еден мундијал во 1998 година, кога Аргентина славеше со 1-0.

Се вчитува...