Со денешните натпревари во групите Б, Ц и Д ќе се заокружат четирите кола во сите групи. Најинтересен се очекува да биде дуелот на Шведска со актуелниот светски вицепрвак Катар, додека Хрватска, Германија и Данска не би требале да имаат никакви проблеми да прокнижат нови победи.
ГРУПА Б, Мец
МАКЕДОНИЈА – ШПАНИЈА 20.45 ч.
Последниот дуел со Шпанците го имавме на ЕП во Данска во 2013 година, кога Кире Лазаров не настапи поради повреда, а „црвената фурија“ рутински го доби мечот со 33-22. Претходно игравме два меча со Шпанија во рамките од квалификациите за истиот шампионат, претрпувајќи два порази, 17-24 во Скопје и 29-17 на гостувањето во Гвадалахара.
ГРУПА Ц, Руен
Саудиска Арабија – Унгарија, 14 часот
Последниот натпревар меѓу Унгарија и Саудиска Арабија беше одигран пред 14 години и заврши со триумф на Унгарците од убедливи 36-25. Ласло Наѓ поради повреда ги пропушти последните две средби но попладнево би требало да се врати во унгарскиот состав.
Белорусија – Германија, 17.45ч
Се уште се памети дуелот меѓу овие две селекции на отворањето од ЕП во Норвешка во 2008 година, не по рутинската победа на Германците од 34-26, туку поради фактот дека стануваше збор за дуел на двајца браќа, Владимир Климовец настапуваше за Белорусија, додека Андреј Климовец беше дел од германскиот национален тим.
Белорускиот селектор Шевцов до 2008 година беше тренер на Некар Левен, каде работеше со сега најдобриот германски ракометар, Уве Генсхајмер.
Хрватска – Чиле 20.45ч
Хрватите ќе ги чуваат силите за големото дерби со Германија што ќе биде на програмата утре. Чиле во историјата има совладано само една европска селекција на мундијалите, и тоа Белорусија во првото коло од овој светски шампионат.
ГРУПА Д, Париз
Аргентина – Египет, 14 часот
Иако двете репрезентации се редовни учесници на мундијалите од 1997 година, тие се немаат сретнато меѓу себе во овој период. Последниот дуел го имаа на СП во 1992 година, меч што заврши без победник (19-19). Аргентина и Египет одиграа две пријателски средби во пресрет на ОИ во Рио, првата заврши нерешено, 23-23, додека во втората Аргентинците триумфираа со 25-23.
Египет ги реализира своите напади со одличен процент на шут од 64%, наспроти 47% успешност на шутевите на Аргентинците во претходните три кола.
Данска – Бахраин 17.45 ч.
Бахраин ги намачи Данците на последниот предолимписки турнир, губејќи со минимални 26-24 откако на полувреме резултатот гласеше израмнети 12-12. Данска со оваа минимална победа се пласираше на Игрите во Рио, каде неколку месеци подоцна се закити и со златниот олимписки медал.
Шведска – Катар
Светските вицешампиони врзаа две победи по почетниот пораз од Египет, но допрва им следат двата тешки дуели, со Шведска и со Данска. Швеѓаните во минатото коло загубија по тешка битка со Данска, па вечерва ќе се обидат да стигнат до победата која ќе им го загарантира билетот за осминафиналето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА