Нов ден, нови интересни натпревари се на програмата од Светското Првенство во Франција. Полска ќе се обиде да се фати за „сламката на спасот“ против Русија, Хрватска е огромен фаворит со Белорусија, а најинтересниот меч ќе се игра во Париз, скандинавската пресметка меѓу Данска и Шведска.
ГРУПА А, НАНТ
ПОЛСКА – РУСИЈА 20.45ч
Русија никогаш не победила против Полска на официјалните натпреварувања. Последниот дуел на овие две селекции заврши со минимална победа на Полјаците од 26-25. Двајца руски репрезентативци настапуваат во полскиот шампионат, голманот Вадим Богданов е член на Азоти Пулави, додека левиот бек Дмитри Житников го носи дресот на Висла Плоцк.
ГРУПА Б, МЕЦ
СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 17.45ч
Реприза на осминафиналето од последниот мундијал, во кое Словенија славеше со 30-28 и го елиминираше нашиот национален тим. Словенците имаат само четири играчи од тој состав (Кавтичник, Доленец, Габер и Безјак), додека Македонија во своите редови има осум ракометари кои беа дел од последниот мундијал (Кире Лазаров, Филип Лазаров, Гоце Георгиевски, Никола Маркоски, Велко Маркоски, Филип Миркуловски, Стојанче Стоилов и Дејан Манасков0.
ШПАНИЈА – АНГОЛА 20.45ч
Ангола настапува на вториот мундијал во својата историја. Голманите на оваа селекција имаат само 17% одбрани по првите две кола, најслаб процент на шампионатот. Сепак, африканската репрезентација по првите две кола постигна повеќе голови од Исланд (47 наспроти 46).
ГРУПА Ц, Руен
УНГАРИЈА – ЧИЛЕ 17.45ч
Унгарците ги загубија првите две средби со Германија и со Хрватска, па денеска немаат право на грешка. Хави Сабате се соочува со проблем поради повредата на капитенот Ласло Наѓ, кој не играше со Хрватска и најверојатно нема да ризикува со настап ниту на денешниот натпревар. На клупите на двете селекции седат шпански тренери, кај Унгарија Хави Сабате, кој воедно е и тренер на Веспрем, додека селектор на Чиле се уште е Матео Гаралда, шесткратниот освојувач на Лигата на шампионите со Барселона.
ХРВАТСКА – БЕЛОРУСИЈА 20.45ч
Овие две селекции се сретнаа на три од последните четири големи натпреварувања и Хрватска редовно стигнуваше до лесна победа. „Коцкестите“ триумфираа со 33-24 на СП во Шпанија, следниот јануари на ЕП во Данска триумфираа со 33-22, а серијата продолжи и на ланското Европско првенство во Полска, каде Хрватска дојде до победа од 27-21.
ГРУПА Д, Руен
ЕГИПЕТ – БАХРАИН 17.45ч
Бахраин игра очајно на овој шампионат, но ќе се обиде да го повтори изненадувањето од СП во Шведска, каде ги совлада „фараоните“ со минимални 27-26, последен меѓусебен дуел меѓу овие две селекции Египќаните загубија од Данска, но по триумфот над Катар победа денеска ќе ги однесе во следната фаза од шампионатот.
ДАНСКА – ШВЕДСКА 20.45ч
Од почетокот на 2000 година овие репрезентации се сретнале 13 пати, при што Данска е поуспешна со седум победи, четири пораз и две реми. Последниот нивни меч, на ЕП во Полска минатата година, заврши без победник, 28-28. Дури 16 репрезентативци на овие две земји настапуваат во Бундес-лигата, само двајца Данци кои се дел од тимот на овој мундијал играат во домашното првенство, додека пет Швеѓани се натпреваруваат во шампионатот на оваа земја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА