Конкуренцијата во нападот на Ливерпул дополнително се засили со враќање на Даниел Стариџ, па логично е што Дени Ингс побара да му биде дозволено да си замине од „Енфилд роуд“ во клуб каде би имал поголема минутажа. „Црвените“ го прифатија неговото барање, па денеска и официјално потврдија дека Ингс кариерата ја продолжува во Саутемптон, сезонава како позајмен играч, а „светците“ имаат обврска наредното лето целосно да го откупат неговиот договор со Ливерпул.
„Искрено ми е жал за Дени Ингс, кој е исклучителен карактер и огромен професионалец, но немаше среќа во периодот минат во клубот. Ја разбирам неговата желба да игра повеќе и затоа му излеговме во пресрет, Саутемптон беше логичен избор бидејќи тоа е негов клуб од детството, таму е неговото семејство и затоа цело време фокусот беше на преговорите со оваа екипа. Му посакувам на Дени многу среќа во следната сезона“ – порача Јирген Клоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА