Тотенхем се соочува со сериозна опасност да остане и без вториот стандарден бек од ланската сезона, откако по заминувањето на Кајл Вокер во Манчестер сити своето незадоволство јавно го искажа и левиот дефанзивец Дени Роуз. Тој во интервју за весникот „Сан“ отворено го критикуваше раководството на лондонскиот клуб за преголемата пасивност во преодниот рок и недоведувањето на врвни засилувања во периодот во кој сите ривали значително ги засилија своите тимови. Воедно, Роуз изрази незадоволство и поради својата плата од 65.000 фунти неделно, што е прениска во споредба со првотимците од останатите тимови од екипите што се борат за највисок пласман.
Британските медиуми тврдат дека Роуз експресно бил казнет со две неделни плати, а раководството на Тотенхем е загрижено откако дел од соиграчите отворено го поддржале бекот за неговите коментари. Токму затоа се очекува тој во најскоро време да биде продаден, а во главна улога во следниот период се очекува да биде Манчестер јунајтед. Жозе Мурињо е во потрага по нов лев бек и Роуз делува како идеално решение, но проблем на стартот од преговорите била сумата од 50 милиони фунти што „спарси“ ја побарале за англискиот репрезентативец.
Сепак, во ситуација кога крајот на преодниот рок се ближи, а Тотенхем сака да го продаде дефанзивецот, се очекува двата страни да најдат заеднички јазик и трансферот на Роуз на „Олд трафорд“ да биде комплетиран за сума меѓу 35 и 40 милиони фунти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА