Младинскиот репрезентативец на Македонија, голманот Давид Денковски не го криеше задоволството од одличната игра на тимот и триумфот против Осогово во Кочани во претходното коло, кој го отвори патот кон можноста Брегалница на најголемиот верски празник да го означи враќањето во елитата следната сезона.
На „сините“ утре на натпреварот против Кожуф во Штип, на две кола пред крајот на првенството, им е доволен само бод да ја потврдат првата позиција во Втората лига – Исток и пласманот во прволигашкото друштво. Но, Денковски нагласува дека Брегалница посакува со победа да го прослави враќањето во Првата лига.
„Среќен сум за победата против Осогово на гостински терен. Одигравме навистина квалитетен натпревар, потврдувајќи ја доминацијата која ја демонстрираме сезонава. Таа победа сега не води кон можноста на утрешниот натпревар да го прославиме враќањето во Првата лига. Кожуф е навистина незгоден противник, и не смее да има никакво опуштање. Знаеме дека ни е неопходен само бод за остварување на целите, но ние со триумф и три бода сакаме да го потврдиме влезот во прволигашкото друштво“ – вели Денковски.
Брегалница во 25. коло од Втората лига – Исток утре од 13 часот во Штип против Кожуф ќе го потврдува освојувањето на шампионската титула во второлигашката конкуренција и пласманот во елитата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА