Денот кога Пеле успеа да сопре војна

Фудбалските натпревари не се синоним за борба за мир во светот. Низ историјата имало натпревари кои биле повод за големи немири, а некои од нив на крајот резултирале и со војна. Како примери се квалификацискиот меч за Светското првенство во 1970. година, меѓу Ел Салвадор и Хондурас, а нешто слично се случи и во 1990. година по натпреварот меѓу Динамо Загреб и Црвена Звезда кој беше вовед во распадот на Југославија.

Од друга страна сепак фудбалот ја има таа сила да ги обедини луѓето. Еден натпревар барем на кратко го сопре еден од најголемите конфликти во 20. век. Конфликтот меѓу Нигерија и самопрогласената република Биафра, доведе до Биафранската војна. Меѓународната заеднициа беше немоќна во организација на примирје, но тогаш се појави Пеле.

Во текот на 1969. година Пеле требаше да ја посети Нигерија со својот клуб Сантош и да одигра ревијален натпревар. Натпреварот бил закажан, а поради финансиски причини Бразилците не сакале да го откажат. Во тоа време Сантош беше неверојатен тим и добиваше голема сума на пари за пријателски мечеви ширум светот, а Пеле беше убедливо најдобриот фудбалер.

Повеќе од разбирливо е дека цела Нигерија не сакаше да го пропушти гостувањето на еден од најдобрите на сите времиња, па поради тоа беше потпишано дводневно примирје. Војниците од двете страни присуствуваа на мечот кој помина без инциденти. По тие 48 часа војната продолжи.

Се вчитува...