Денот кој вечно ќе го памети фудбалска Македонија како мотив за мегданот со Ерменија!

Знаме, име, химна и фудбалска репрезентација, тоа се одликите на државноста. Пред точно 31 година, на 13 октомври 1993 година, Македонија го одигра првиот фудбалски меч од осамостојувањето, против Словенија во Крањ и славеше со 1-4, со извонредната генерација на Дарко Панчев, Илија Најдоски, Драги Канатларовски, Чедомир Јаневски, Вујадин Станојковиќ, Тони Савевски, Тони Мицевски, Бошко Ѓуровски… Фудбалска Македонија денеска се гордее и си спомнува за почетоците…

______________________________________________________________________

Македонскиот репрезентативен фудбал денеска го одбележува почетокот на својата независна историја – 31 година од првиот меѓународен натпревар по осамостојувањето. Крањ и Словенија засекогаш ќе останат запишани длабоко во аналите на македонскиот фудбал како почеток на фудбалскиот сон за свое меѓународно етаблирање. На 13. октомври 1993 година репрезентацијата предводена од првиот македонски селектор Андон Дончевски во Словенија го одигра првиот официјален натпревар, признаен ФИФА и УЕФА, и победи со 1-4.

Македонија своите фудбалски почетоци дефинитивно ќе ги памети по извонредната генерација фудбалери која ја имаше на почетокот од деведесеттите години. Предводена од најдобриот македонски фудбалер во историјата Дарко Панчев, како капитен, а во неа и имиња како Чедомир Јаневски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Бобан Бабунски, Бошко Ѓуровски, Зоран Бошковски, Љупчо Марковски, Тони Мицевски, дополнети со Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Неџмедин Мемеди, Зоран Јованоски, Ванчо Мицевски, Горан Георгиевски, Лазо Липовски, Саше Милошевски…, имиња кои засекогаш со златни букви ќе останат запишани во македонската фудбалска историја како партиципиенти на првиот репрезентативен натпревар во историјата на Македонија.

Иако останува фактот дека оваа прва генерација некако остана недокажана без позабележителен резултати и во првиот квалификациски циклус за пласман на ЕП потоа, сепак засекогаш ќе се памети дека Словенија тогаш доби четири „парчиња“. Стрелец на првиот репрезентативен гол за независна Македонија беше Зоран Бошковски – Чоко, а на асистенција на Дарко Панчев, уште во 3. минута од стрелбата. Потоа погодија од пенал и Панчев и Јаневски а четвртиот гол со убав шут од далечина го постигна Драган Канатларовски.

НАТПРЕВАРОТ КОЈ ЗАСЕКОГАШ СО ЗЛАТНИ БУКВИ ЌЕ ОСТАНЕ ЗАПИШАН ВО МАКЕДОНСКАТА ФУДБАЛСКА ИСТОРИЈА….

СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-4

(13. октомври 1993 година, Крањ, Словенија)

Градски стадион „Станко Млакар“ во Крањ. Гледачи: 3.000. Судија: Драгутин Карло Пољак (Хрватска). Стрелци: Пате 40′ (С) – Бошковски 3′, Панчев 37′(п), Јаневски 48′(п), Канатларовски 51′ (М), Ж. картони: Глиха (С-, Георгиевски и Најдоски (М).

СЛОВЕНИЈА: Симеунович (58′ Зупан), Жидан (58′ Јерманиш), Блатник, Новак, Миланиќ, Пољшак (61′ Енгларо), Алеш Чех, Зулич (37′ Пате), Заховиќ, Удович (46′ Глиха), Флоријанчич.

Селектор: Бојан Прашникар.

МАКЕДОНИЈА: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63′ Неџмедин Мемеди), Зоран Јованоски, Љупчо Марковски, Драган Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски (86′ Ванчо Мицевски), Бобан Бабунски (12′ Горан Георгиевски, 73′ Сашо Милошевски), Тони Мицевски, Дарко Панчев.

Селектор: Андон Дончевски.

Се вчитува...