Никола Јокиќ оствари моќен трипл-дабл со 31 поен, 20 скока и 12 асистенции, а Џамал Мареј додаде 39 поени во одличен пресврт на Денвер Нагетс за победа од 136-131 против Сан Антонио Спарс кои беа без повредениот Виктор Вембањама во синоќешниот натпревар во НБА лигата.
Сан Антонио имаше дури 20 поени предност во еден момент, но Денвер ги надигра домаќините во последната четвртина со 42-25 и дојде до пресврт. Клучниот момент се случи на 4:38 минути до крајот, кога Мареј постигна тројка за да му го донесе на Денвер првото водство на мечот (121-119) и започна серија од 11-0.
Во напната завршница, при резултат 132-129 за Денвер, бекот на Спарс, Стефон Касл, промаши тројка за израмнување на 20 секунди до крајот. Победата на Нагетсите потоа беше потврдена со четири слободни фрлања од Мареј, кој постигна 30 поени во одлично второ полувреме.
Еден ден откако стана првиот кошаркар во историјата на НБА кој постигнал 25 или повеќе трипл-дабл во четири едноподруго сезони, Јокиќ вечерва дојде и до 26-от трипл-дабл.
Играчи со најмногу трипл-дабл во историјата на НБА:
1. Расел Вестбрук 208
2. Никола Јокиќ 188
3. Оскар Робертсон 181
4. Меџик Џонсон 138
5. Леброн Џејмс 123…
Спарс ослабени без Вембањама
Виктор Вембањама го пропушти натпреварот поради болка во десниот зглоб. Неговиот настап беше под знак прашалник, а конечната одлука беше донесена по загревањето. Францускиот кошаркар мора да одигра уште 13 од преостанатите 16 натпревари на Сан Антонио за да се натпреварува за индивидуални награди на крајот од сезоната.
Спарс без него во поставата оваа сезона имаат резултат од 10 победи и 5 порази. Ова беше прв пораз на Сан Антонио во последните 22 натпревари во кои имаа водство од 20 или повеќе поени. Со тоа заврши серијата од пет победи во последните пет натпревари.
Во поразениот тим, кој пред оваа средба имаше 16 победи во 17 натпревари, Стефон Касл го постигна својот трет трипл-дабл во кариерата со 30 поени, 11 скока и 10 асистенции. Де’Арон Фокс постигна 27 поени, а Девин Васел постигна 18.
Во редовите на победничкиот тим, заедно со Јокиќ и Мареј, се истакнаа Спенсер Џонс со 19 поени, Кам Џонсон со 15 и Кристијан Браун со 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

