Јувентус е на добар пат да го реши проблемот со резервен голгетер откако „старата дама“ влезе во завршна фаза од преговорите за ангажман на Мемфис Депај. Јуве бара резервна опција за Влаховиќ по заминувањето на Мората, а по пропаднатите преговори со Тимо Вернер и со Скамака погледите беа насочени кон Депај.
Холанѓанецот се наоѓа на листата на играчи на кои Чави не смета во Барселона, но Депај е упорен на ставот, ако веќе си заминува од „Камп Ноу“, тоа да биде без никаква отштета, на ист начин на кој што и пристигна од Лион. Шпанските медиуми јавуваат дека разговорите на оваа тема се во завршна фаза, а Барса се брза за што поскоро да му го раскине договорот и да отвори простор во буџетот за да ги регистрира новите засилувања пред стартот на новата сезона.
Јувентус не само што будно ја следи ситуацијата, туку денеска била испратена и официјална понуда за двогодишен договор, прифаќајќи ги условите што ги побарал Депај на стартот од преговорите. За комплетирање на трансферот се очекува тој да го добие раскинот на договорот со Барселона, по што како слободен играч веднаш ќе се пресели во таборот на „старата дама“ и ќе му се стави на располагање на тренерот Алегри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

