Петтата рунда натпревари во Втората лига – Исток почнува вечерва во Штип со големата дерби пресметка меѓу Брегалница и Тиквеш.
Двата најголеми ривали, водечки кандидати за прволигашка промоција, во првиот меѓусебен натпревар сезонава треба да ги покажат првичните насоки по кои би се движела актуелнава сезона. Иако долг е шампионатот, јасно е дека дуелот е и тоа како важен и од резултатски аспект за двата состави.
Искусниот капитен на „штипјани“, Ристе Наумов е повеќе од убеден дека ќе има вистинско уживање за сите љубители на фудбалот, посакувајќи на крајот сето тоа да заврши со освоени три бода за Брегалница.
„Верувам дека ќе биде вистински дерби натпревар на задоволство на сите наши навивачи но и искрени љубители на фудбалот од регионот. Мислам дека ќе биде неизвесен, тврд натпревар затоа што Тиквеш е навистина квалитетна екипа. Но, јас лично силно верувам во нашите квалитети во моментов и со поддршка од Фалангата верувам дека на крајот ќе стигнеме до посакуваната победа“ – вели Наумов.
Од друга страна, во Тиквеш нагласуваат дека не чувствуваат никаков притисок пред натпреварот…
„Ние воопшто немаме притисок. Одиме постепено од натпревар на натпревар затоа што шампионатот е долг. За нас е ова како и секој друг натпревар, а Брегалница сигурно има притисок за победа“ – вели шефот на стручниот штаб на Тиквеш, Љупчо Димитковски.
Натпреварот меѓу Брегалница и Тиквеш на Градскиот стадион во Штип се игра со почеток од 19 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА