Дерби-радост за Адеми и Динамо: Хајдук поведе, па загуби на „Максимир“

Аријан Адеми и Динамо Загреб славеа со 3-1 над Хајдук и Јани Атанасов во вечното дерби на хрватскиот фудбал, меч што изобилуваше со шанси на двете страни.

Гостите од Сплит на самиот почеток поведоа, а Атанасов ја имаше улогата на асистент откако по неговиот корнер Вушковиќ скокна највисоко и го матираше голманот Ливаковиќ. Веднаш потоа следеше еден недосуден пенал и еден поништен гол на Динамо, но „модрите“ сепак веќе до 20. минута направија целосен пресврт благодарение на двата гола на Оршиќ.

Хајдук ја затресе гредата на гостите на почетокот од второто полувреме, а победникот беше неизвесен до самиот крај, кога по одличниот продор на Аријан Адеми, Мајер беше фудбалерот што од пет метри ја смести топката во мрежата, ставајќи печат на триумфот на актуелниот првак.

Динамо Загреб со оваа победа сега е осамен на врвот на табелата со 39 бода, три повеќе од второпласираниот Осијек.

Се вчитува...